21 C
Skopje
петок, август 14, 2020

За промени се потребни иновации, а иновациите водат кон прогрес!

UAKS desktop

Швајцарија е лидер по иновации благодарение на едукативниот систем, тесната соработка на академските и истражувачките институции со индустријата и поволната деловна клима. Иновацијата е modus operandi на швајцарското општество.  Тоа е начин на живеење и делување кој се обидуваат да го пренесат и во својата работа во Северна Македонија за што имаат многу примери на иновативни пристапи.

За иновативноста и проектите во нашата земја поддржани од Швајцарија, имавме ексклузивна можност да разговаравме со амбасадорката Сибил Зутер, непосредно пред одбележувањето на Националниот ден на Швајцарија.

Разговараше – Верица Јорданова

Почитувана амбасадорке, Швајцарија е светски лидер по иновациите повеќе последователни години. Може ли да ни кажете според Вас, што е причината за прогресивната иновативност и технологијата на Швајцарија?

Во 2019 година, деветта година по ред, Светската организација за интелектуална сопственост ја прогласи Швајцарија за најиновативна земја во светот. Иновациите се еден од клучните двигатели на економскиот раст и просперитетот на Швајцарија. Нашата посветеност на иновациите може да се види преку многуте патенти на иновации, и фактот што Швајцарија има највисок процент на патенти по жител во Европа.

Швајцарија отсекогаш била фокусирана на инвестиции во иновации, особено стартап бизниси и нови технологии. Повеќе од 300 стартап компании се основаат во Швајцарија секоја година. Фондот во износ до 500 милиони швајцарски франци (околу 465 милиони евра) е доказ за тој фокус на претприемништвото. Поддржувачите од Швајцарскиот фонд за претприемништво се залагаат да го отстранат јазот меѓу стартапите и етаблираните компании. Многу важен сегмент за развојот на иновациите во Швајцарија е и правната рамка. Основањето фирма во Швајцарија е релативно лесно, а постапката не е сложена и бирократска.

Модерниот пристап кон образованието исто така е наша силна страна. Швајцарскиот систем на стручно образование и обука е организиран во согласност со потребите на приватниот сектор и слободните работни места. Швајцарија, исто така, ги има и некои од најдобрите универзитети во светот, како на пример ETH (Швајцарски федерален институт за технологија во Цирих) и EPFL (Федералната политехничка школа во Лозана), кои се меѓу најдобрите во светот на полето роботика. Знаењето се споделува меѓу универзитетите и компаниите благодарение на владиниот буџет за истражување и развој – над 20 милијарди швајцарски франци секоја година се инвестираат во истражување и развој.

Кога велиме иновации, не мислиме само на технологијата туку на концептот на размислување и однесување кога некој бара нови аспекти на проблемите и процесите. Во колкава мера Вие како Амбасада применувате иновации во вашата работа во Северна Македонија? Може ли да наведете неколку примери?

Кога зборуваме за иновации, не подразбираме само иновативни стартапи, истражување и развој, туку и начин на размислување, концепт кој треба да се применува во сите сфери на општеството. Преку Стратегијата за соработка ние го споделуваме швајцарското знаење и искуство со цел да се постигне разлика во квалитетот на животот на луѓето во Северна Македонија. Ние не нудиме пресликани решенија, туку пренесуваме елементи од швајцарското искуство и ја поддржуваме земјата да ги адаптира на локалниот контекст. Заедно, во партнерство со граѓанското општество, приватниот сектор и владата постигнавме ефективни резултати и забележителен напредок во многу области.

Едно такво достигнување е постојниот Парламентарен Институт, кој беше основан со швајцарска поддршка. Институтот ги подобри капацитетот на Парламентот за креирање на закони, и на тој начин го поддржа понатамошниот развој на Парламентот во насока на добро функционално, автономно законодавно тело. Денес Институтот се користи како успешен иновативен модел за други земји во регионот и во светот, што е уште еден доказ за неговото значење.

Тука е примерот и со реставрацијата на екосистемот на Преспанското Езеро, долгогодишен проект кој значително ја подобри еколошката состојба на Преспанското Езеро и придонесе кон негова поголема отпорност на климатските промени. Една од иновациите во рамките на проектот е компостирањето на биоразградливиот отпад и реупотребата на компостот со цел да се постигне циркуларна економија.

Друг добар пример е поддршката за македонската стартап заедница која се фокусира на градење функционален екосистем.

И се разбира, нашата поддршка на Владата на Северна Македонија за реформирање на едукативниот систем за стручно образование во земјата и поголемо инволвирање на приватниот сектор во стручното образование со подобро совпаѓање помеѓу понудата и побарувачката на вештините, што е од витално значење за градење на квалификувана работна сила.

Фото: Економија и бизнис

Swiss EP е добро позната по обезбедувањето долгорочна експертска поддршка за стартапите и организациите коишто ги поддржуваат стартапите во Северна Македонија. Како влијае таа поддршка на стартап екосистемот?

Нашата стратегија за соработка има за цел да им помага на стартапите и на малите и средните компании да го забрзаат нивниот раст преку зголемување на нивната конкурентност и да имаат постабилен екосистем за претприемништво. Ние веруваме дека не можеме да ги поддржиме стартапите без да воспоставиме функционален стартап екосистем. Преку Swiss EP ја олеснивме трансформацијата на некогаш фрагментираната стартап заедница во интегриран екосистем. Start-up Macedonia, чадор-асоцијацијата за стартап заедницата, беше основана со швајцарска поддршка и сега е еден од клучните двигатели на брзиот раст на стартап заедницата во Северна Македонија. Стартап екосистемот во Северна Македонија сега доживува период на раст, консолидација и соработка, способен е за генерирање на одржливи организации, заедници на истомисленици и на крај, конкурентни стартапи и претприемачи.

Еден од најголемите проблеми со коишто се соочуваме како општество е недостигот од обучена работна сила. Системот за стручно образование и обука во Швајцарија има клучна економска улога во опремувањето со вештини и интегрирањето на младите луѓе на пазарот на труд и во обезбедувањето висококвалитетни технички вештини. Како го пренесувате швајцарското искуство во Македонија?

Швајцарија е позната по квалитетот на стручното образование и обука. Тоа е така затоа што вештините кои студентите ги учат, се вештините кои се потребни во индустријата. Во Швајцарија приватниот сектор е инволвиран во сите фази на стручното образование и обука – креирањето на наставните планови и имплементацијата, доделувањето сертификати и финансирањето на самиот систем. Швајцарија го споделува своето искуство во стручното образование со Северна Македонија преку нашиот проект „Образование за вработување“ (Education for Employment). Тоа е долгорочен 10 годишен проект кој се надеваме дека ќе има значителен придонес во остварувањето на владината цел – суштинско реформирање на системот за развој на стручни вештини во Северна Македонија. Иако станува збор за реформирање на еден систем, крајната цел е што повеќе млади да се стекнат со квалитетно знаење и вештини и да најдат вработување.

Еден многу важен дел од проектот е приближување на приватниот сектор до образовниот систем и обезбедување на студентите со вештините кои ги бара индустријата. Цврсто веруваме дека подобрата координација на понудата и побарувачката на вештини и човечки капитал преку вклучувањето на приватниот сектор во стручното образование е клучно за креирање на квалификувана работна сила, а последователно и за поконкурентни бизниси на интернационалниот пазар.

Кои би биле новите, иновативни начини на поврзување на приватниот сектор со образовните институции? Може ли да ни наведете неколку позитивни промени на тоа поле?

Ние поддржавме многу училишта во воспоставувањето соработка со компаниите. На пример, го поддржавме АСУЦ „Боро Петрушевски“ да организира експериментална паралелка за дуално стручно образование во соработка со Ван Хоол. Исто така, поддржавме некои постојни партнерства и помогнавме да се подобрат. На пример, ЕВН веќе имаше партнерство со СЕТУ „Михајло Пупин“, но ние го поддржавме создавањето на дигитална платформа за учење која ја користат 350 ученици. Компанијата ја обезбеди опремата за учениците за тие да може да следат онлајн содржини.

Партнерствата меѓу училиштата и компаниите не беа воспоставени само за имплементирање на формален систем за стручно образование и обука. Неформалните обуки исто така се важни затоа што можат да им помогнат на компаниите да ги задоволат своите потреби за стручна работна сила. Со наша поддршка, швајцарската компанија Rontis создаде наставен план за училиштето ССОУ „Димитрија Чуповски“ во Велес и обучи 35 невработени жени од велешките рурални средини. Речиси сите обучени жени (34) потоа се вработија и на тој начин ние помагаме и во активацијата на жените кои претходно не биле активни на пазарот на труд.

Фото: Економија и бизнис

Стартап сцената неизбежно е поврзана со иновации и претприемништво, но преку повеќегодишните проекти кои ги менаџирате вие успевате да воведете иновации и во областа на демократското управување во Северна Македонија. Кажете ни нешто повеќе за иновативните швајцарски практики кои ги пренесовте во Северна Македонија во тој сегмент?

Швајцарија го поддржува Собранието од 2010 година. Парламентарниот Институт, како нов оддел на парламентарната служба на Собранието на Северна Македонија, беше создаден со швајцарска поддршка со цел да поддржи истражувања, образование и обуки за членови на Парламентот и на граѓани, и да стане целосно институционализиран дел од парламентарната служба. Парламентарниот Институт обезбедува квалитет и непристрасни истражувања и анализи за потребите на пратениците во нивните коментари и дебати за закони и во надгледувањето на нивната имплементација. Исто така обезбедува и модерни архиви, библиотеки и внатрешни обуки во Парламентот, како и активности за приближување на Парламентот до граѓаните. Освен тоа, преку воведување иновативни услуги на Парламентарниот институт, од кои голем дел се електронски услуги и се достапни на четири јазици – македонски, албански, англиски и француски, Собранието уште повеќе ја модернизира својата работа, ја подобри транспарентноста, размената на информации со други европски парламенти и обезбеди поголем пристап за граѓаните во Собранието.

Нашиот проект за поддршка на Парламентот (Parliament Support Project) ја координира соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и голем број интернационални соработници: Швајцарското федерално собрание, естонскиот Ригикогу, Европскиот парламент, германскиот Бундестаг, латвискиот МanaBalss.lv. Интервенциите на проектот ја користат институционалната експертиза за постигнување политички консензус, зајакнување на практиките за човечки ресурси, подобрување на системите за информации и комуникација на Собранието на Северна Македонија, подобрување на практиките за фискален надзор и парламентарна безбедност. Специјалната помош ќе вклучува и поддршка за парламентарниот телевизиски канал.

Друг швајцарски проект од областа на демократското управување е Civica Mobilitas (Сивика Мобилитас). Преку овој проект се креираше т.н. Civica заедница во земјата, каде што и организациите кои што добиле и организации кои што не добиле грантови, ушествуваат на национални форуми за граѓанско општество и дискутираат на различни теми. Сivica Mobilitas со помош од Швајцарија има помогнато на многу организации на граѓанско општество во Северна Македонија да спроведат неколку социјални реформи преку обезбедување средства, градење капацитети, и преку менторство за добитниците на грантови. Поддршката за граѓанското општество е важен момент во процесот на градење потранспарентно и подемократско општество.

Еден клучен сегмент каде што Швајцарија дава поддршка за нашата земја е животната средина. Какви новини беа воведени преку швајцарски проекти на тоа поле?

Швајцарската поддршка за инфраструктурата, водата и секторот животна средина е придонес за европската перспектива на Северна Македонија и процесот на интеграција од аспект на барањата на ЕУ за животната средина. Заедно со нашите партнери работиме на зајакнување на менаџирањето со природните ресурси на Северна Македонија и осигурување на подобра подготвеност и отпорност на природните непогоди како последица на климатските промени.

Швајцарија помага во осигурувањето одржлива иднина за уникатниот екосистем на Преспанското Езеро. Преку нашиот проект беше поставен иновативен систем за информирање за земјоделците во Преспанскиот регион преку СМС и Facebook страница за планираното прскање и наводнување на јаболката. Информациите се базирани на податоци од земјоделско-метеоролошките станици за мониторинг а помогна да се намали употребата на пестициди, како и оптимално да се користи водата за наводнување.

Швајцарија е единствениот билатерален донатор и навистина е заангажирана во водениот сектор во Северна Македонија. Животната средина, особено водените ресурси и богатството на биодиверзитетот се едни од најголемите вредности и потенцијали за идниот развој на земјата. Заштитата и зачувувањето на природните богатства, воспоставувањето соодветна инфраструктура, обезбедувањето квалитетни јавни услови и одржливата употреба на природните ресурси се суштински за спас на кревката животна средина на Северна Македонија и подобрување на условите за живот. Преку нашите проекти ние помагаме да се осигура одржливоста на станиците за третирање на отпадните води во земјата преку производство на компост од калта и енергија потребна за функционирањето на станиците добиена преку соларни панели/фотоволтаични централи.

Швајцарија ефективно ја поддржува Северна Македонија во непосредната реакција на кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19. Како успеавте да ги направите тие брзи прилагодувања на програмата за соработка и да задоволите некои од итните потреби на земјата како резултат на тековната криза?

Без да ги губиме од фокус долгорочните развојни цели на Северна Македонија, Швајцарија направи брзи прилагодувања на постојната Програма за соработка и развој со цел да се излезе во пресрет на некои од непосредните потреби на земјата како резултат на тековната криза. Швајцарија работеше рамо до рамо со Владата на Република Северна Македонија, разни институции, граѓанското општество и приватниот сектор за да се идентификуваат приоритетните области каде што треба да се направат позитивни промени и да се надминат предизвиците предизвикани од кризата. Најважната помош на Швајцарија во оваа криза беше поддршката за поставување на болницата за итни случаи на КОВИД-19 во Скопје.

На самиот почеток на пандемијата во земјата Швајцарија во соработка со Министерството за локална самоуправа ги идентификуваше начините на кои може да му се помогне на Министерството за здравство да се опреми болницата со готови, модуларни единици преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ (Sustainable and inclusive balanced regional development).

Понатаму, програмата „Општинска работа“ (Community Works), поддржана од Швајцарија, во партнерство со 27 општини ангажираше околу 200 невработени луѓе да им понудат помош на над 1.500 луѓе со инвалидитет и постари луѓе кои беа самоизолирани дома поради корона вирусот. Проектот „Промовирање на полово-осетливи политики и буџети“, имплементиран од страна на УНДП во соработка со Министерството за труд и социјална политика, дистрибуираше храна и хигиенски препарати на повеќе од 360 семејства на самохрани родители, приматели на гарантиран минимален приход и регистрирани преживеани на домашно насилство.

Организациите на граѓанско општество беа поддржани со ад-хок грантови од страна на швајцарската програма Civica Mobilitas. Бидејќи образовниот процес беше попречен на почетокот на март, проектот „ТВ училница“, поддржан од страна на Швајцарија, помогна да се одржи континуитетот на едукативниот процес така што на децата од предучилишна возраст и основците им беа емитувани училишни часови на националната радиотелевизија МРТ.

Бидејќи туризмот е еден од најпогодените сектори од кризата, швајцарската програма „Зголемување на вработливоста на пазарот“ ја поддржа Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во креирањето кампања за анимирање на домашните туристи да ги поминат своите одмори во земјата во текот на летната и есенската сезона.

Искористувајќи го потенцијалот на дигиталните решенија, Швајцарската програма за претприемништво продолжи да ја поддржува локалната стартап заедница преку обезбедување многу бесплатни вебинари, како и поврзувајќи ги ИТ стартапите со традиционални компании со цел да им помогне да ја забрзаат дигитализацијата и да ги надминат пречките кои ги постави КОВИД-19 пред нивните бизниси.

Стратегијата за соработка со Швајцарија завршува годинава, но Вие веќе ја подготвувате наредната четиригодишна стратегија. Како ги оценувате резултатите досега и кои се предизвиците за идната програма (2021-2024) во Северна Македонија?

Нашите континуирани билатерални односи беа плодни и се интензивираа во текот на изминатите 28 години. Швајцарија и Северна Македонија немаат само длабоко и трајно партнерство и соработка, туку и силно пријателство меѓу луѓето. Преку нашата Стратегија за соработка постигнавме применливи резултати во секој домен (демократско владеење, економски раст и вработливост, инфраструктура и животна средина). Нема да ја менуваме суштината на Стратегијата за соработка за идните четири години. Потребно е време за да се направи промена и за да се постигнат видливи резултати на секое поле, и  ние мора да работиме континуирано, да градиме средина на поддршка и да применуваме иновативни пристапи. Миграцијата, дигитализацијата, иновациите, климатските промени се темите кои ќе бидат интегрирани во проектите кои ги поддржуваме во Северна Македонија.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •