Иван Бановски: Неопходно е да се вратат во мода техничките струки кои нудат големи можности за работа!

- Advertisement -

Иван Бановски е генерален директор на една од поголемите компании во земјава, која се занимава со производство на челик и челични топловалани лимови, Макстил АД-Скопје која е дел од групацијата DITH ( Duferco International Trading Holding).Тој е дипломиран металуршки инжeнер кој по завршувањето на средното образование, во време на големи оштествени турболенции во државата и силна економска криза, кога голем дел од индустриските капацитети се зтвараат и огромен број на луѓе остануваат на улица, сепак избира да студира на еден од техничките факултети и се запишува на Технолошко – металуршкиот факултет, воден од желбата да се вработи во Велешката топилница, која во тоа време сеуште и пркоси на економската криза и добро работи. Но, како што и често се случува патот го води во Скопската железарница, по препорака на неговиот професор и ментор.

Тој во рубриката “Од ТМФ до успешна кариера“ која ја реализираме во соработка со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје ја раскажува својата приказната за својот кариерен развој и предностите на инженерската професија.

- Advertisement -

Разговараше – Верица Јорданова

Г-н Бановски, за почеток кажете ни што значи да се биде менаџер на еден од поголемите индустриски капацитет во земјава?

- Advertisement -

Самиот факт, што сум генерален директор, односно прв човек на компанијата, целокупната одговорност за работата е моја. Почнувајќи од планирањето на целокупниот производен процес, потоа организација на истиот и на крај реализација, одговорноста на крајот на денот, месецот или годината е на генералниот директор.

За да имаме производен процес потребно е да се обезбедат доволен број на нарачки. Кога тоа ќе го обезбедите, потребно е да се обезбедат сите потребни суровини, енергенси, флуиди и сè останато што е потребно за да се одвива производниот процес. Обезбедувањето на сите овие ресурси не е така едноставно. Треба да се внимава на квалитетот, цената и се разбира рокот на испорака на истите. Понатаму, треба да обезбедите добра кондициска спремност на целокупната опрема потребна за непречено одвивање на производниот процес. За тоа исто ви е потребно добро планирање, навремена набавка на резервни делови, опрема и услуги. И на крај потребно е да имате добро воден технолошки процес кој ќе ви обезбеди висок квалитет на производот, за да имате задоволни купувачи. Но не по која било цена бидејќи конкуренцијата на пазарот е немилосрдна. Секој се бори да испорача производ со најдобар квалитет по најевтина цена.

- Advertisement -

Ова вака и не звучи толку лошо, меѓутоа не секогаш работите се движат по посакуваниот тек. Има ситуации каде мора да реагирате веднаш, без разлика на ден или ноќ, почеток на месец или крај, со носење на брзи одлуки зад кои секако застанувате со целата ваша одговорност.

За да имаме непречен производствен процес, неопходна е поддршка и од останатите сектори како што се ИТ секторот, човечки ресурси, логистика и Транспорт, набавки, Продажба, секторот за економика без кој не можете да го завршите целокупниот производствен процес и секако секторот за Безбедност и здравје на вработените и секторот за заштита на животната средина, кои во нашата компанија го имаат приматот на најважни сектори.

Огромна е одговорноста за материјалните добра на компанијата, кои сопствениците ви ги довериле да се грижите за истите, но сепак најголема е одговорноста за вработените. Што и да се случи со опремата ќе купите нова и ќе ја замените, но ова никако не важи и за вработените. Огромна е одговорноста кон поблиското и подалечно соседство, кон општеството, дотолку повеќе што Макстил е една од најпрепознатливите општествено одговорни компании, за кои сведочат бројните награди за општествената одговорност.

Меѓутоа кога во менаџерскиот тим ги имате најдобрите колеги кои си ја сакаат работата, одлично ја познаваат и се врвни експерти секој во својата област, максимално лојални на компанијата, колеги во кои имате полна доверба, одговорноста лесно преминува и во задоволство. Задоволството е уште поголемо кога кај нашите вработени, при секојдневните контакти со нив, без разлика на кој сектор припаѓаат или која работна позиција ја имаат, можеш да го видиш и препознаеш нивното задоволство, а некој и отворено ќе го сподели тоа со вас. И секако задоволството да биде целосно најбитна е поддршката од страна на бордот на директори кон целокупниот менаџерски тим.

Да резимирам, одговорноста е огромна, предизвиците се секојдневни но и задоволството од работата воопшто не изостанува.

-Колку лично за вас е предност во раководењето на компанијата тоа што сте металург?

Предноста е огромна. Дотолку повеќе што јас како инженер металург ги имам помината сите хиерархиски скалила. Почнувајќи од инженер приправник, преку сменски инженер, одговорен инженер на организациска единица, директор за производство до генерален директор на Макстил АД Скопје. Сето ова ми овозможи одблиску да се запознавам со сè она што значи работење, вклучувајќи и работи кои на некој начин не би требало да ги има, но сето тоа многу лесно понатаму ми помагаше во совладувањето на предизвиците од секое работно место и успешно движење низ хиерархијата во Макстил. Со секој поминат работен ден на секое работно место, соочувајќи се со предизвиците, постепено осознаваш некои работи, учиш нови нешта, се надградуваш професионално, не само како стручно лице но и како раководно и одговорно лице. Сето тоа ми помогна одлично да го запознаам работењето на компанијата, процесите, начинот на работа, но и организациската култура, што од оваа перспектива ми е од огромно значење во работењето и водењето на компанијата. Да јас сум генерален директор, но во исто време и инженер металург кој скоро секогаш учествувам и помагам стручно во разрешување на одредени специфични проблеми поврзани со процесот.

-Раскажете ни кои беа вашите мотиви и размислувања кога Вие се запишувавте на ТМФ? Како изгледаше студирањето во тоа време?

Уште кога го завршував основното училиште и изборот на средното училиште, јас знаев дека мојот професионален работен пат ќе се движи низ техниката и технологијата. Во мојата поблиска фамилија главно беа и се технички лица, и сè друго освен техниката за мене беше чудно. Немав никакви допирни точки ниту со медицина, економија, право, филозофија и останати општествено хуманистички професии. Од секогаш сум ги сакал математиката и техничките науки. Од секогаш сум сакал да правам нешто (изработувам) што после тоа е видливо. На конкретното прашање зошто токму ТМФ ќе одговорам најискрено. Кога јас се запишував на факултет, беа годините кога бившата СФРЈ почна да се распаѓа,со тоа почна полека да тоне и економијата а голем дел од индустриските капацитети да пропаѓаат. Јас сум од Велес и во тоа време единствена светла точка беше Велешката топилница за олово и цинк,која сè уште пркосеше на тие времиња работејќи со полн капацитет и нормално редовни и високи приходи за вработените. Во текот на студиите немав некои посебни проблеми, бев редовен студент и редовно ги ислушав сите години, задоволен од текот на студиите. Меѓутоа после моето дипломирање, набрзо стигна и првото разочарувањето. Единственото нешто заради кое се определив да студирам металургија – Велешката топилница, не издржа, ја снајде истата судбина како и најголемиот дел од фирмите во тоа време. Извесен период како и многу други дипломирани лица, бев без работа и работев се и сешто. Но сепак, благодарение на некои професори кај кои сум оставил впечаток на добар студент, а на барање на тогашното раководство на Железара, јас се вработив таму. На почеток во Ладна валавница, а потоа во Макстил како посебен правен субјект во Железара. Од денешна перспектива, во ниеден момент од моето вработување не сум се покајал зошто ја избрав металургијата за моја професија.

-Денес најголем дел од компаниите се жалат на недостиг на стручен, технички кадар. Каква е состојбата во Макстил? Како тоа може да се подобри, според ваше видување?

За жал, недостигот на стручен кадар е евидентен во целата држава особено на средно техничкиот кадар. Моето искуство кажува дека повеќе години наназад се бележи тренд на намалување на бројот на расположлив технички кадар за вработување, но уште позагрижувачки е што и тоа малку што го има на располагање на пазарот трудот е со многу низок квалитет на стручно знаење и никаков интерес за работа, особено во индустриските капацитети. Една од причините е образовниот систем, но секако поголема причина е и наклонетоста на младите и нивните родители кон запишување во гимназии или други општествени струки, а многу помалку кон техничките струки. Со цел надминување на предизвикот, една од активностите што ние како компанија ја правиме е воспоставување и континуирано продлабочување на соработката со средно стручните училишта и високо образовните институции од нашата област на работа. Сметам дека средно техничките училишта и техничките факултети, мора да бидат многу поагресивни, со повеќе маркетинг да бидат присутни континуирано во основните и во средните училишта.

Секоја година нашата компанија ја посетуваат преку 100 средношколци и преку 30 студенти, кои својата пракса ја извршуваат кај нас под менторство на нашите вработени. Имаме долгогодишна пракса на стипендирање на студенти од техничките факултети од наш делокруг на работа, а од минатата година започнавме и со доделување стипендии на средношколци од средно стручните училишта. Покрај тоа, учествуваме во повеќе иницијативи и проекти за воведување на дуално образование и поддршка на средно стручното образование. Сметам дека само со континуирана и искрена соработка помеѓу бизнис секторот, Министерството за образование и наука и другите државни институции, како и средно стручните училишта и техничките факултети, може да се работи на унапредување на стручното образование, и подигнување на свесноста на младите за можностите за развој на кариера кои ги нудат техничките струки.

-На кој начин соработувате со Технолошко-Металуршкиот факултет?

Макстил АД Скопје и Технолошко-Металуршкиот факултет веќе речиси десет години наназад имаат потпишано Општа спогодба за соработка, која всушност стави рамка на сето она што ние го правевме уште многу поодамна. Нашата соработка се одвива на повеќе основи: овозможување на пракса на студентите, како пракса во тек на учебната година, така и летна пракса, стипендирање на студенти и нивно вработување по завршување на студирањето, изработка на стручни трудови во нашата компанија, заеднички настап на различни конгреси, семинари, работилници организирани од факултетот или здруженија блиски со нив, учество во креирањето на универзитетската наставна програма… Навистина, соработката со факултетот е одлична и континуирано се продлабочува. Сепак, кадрите коишто ТМФ ги продуцира, се иднината на нашата компанија. И интересот наш како компанија е ТМФ да продуцира што повеќе кадри. Се разбира, со зголемување на бројот на студенти се зголемува и квалитетот на студентите, студенти што еден ден ќе работат во нашата компанија заедно со нас или ќе продолжат онаму каде ние ќе застанеме.

-Ваш совет за младите кои се пред животната раскрсница каква идна професија да изберат?

Секако дека не секој е склон кон техниката, како што некој не е ни за уметност или за природните или општествени науки. Не секој може да биде добар правник, доктор итн. Јас би рекол ако веќе сте сигурен, не што сакате во животот да бидите,него ако сте сигурни дека некоја професија ве привлекува повеќе од останатите и чувствувате дека тоа можете понатаму одлично да го владеете и работите, не се двоумете одете таму. За сите оние што се двоумат, или сметаат дека подеднакво добри би биле во која било професија, сепак да ги изберат техничките науки. Денес, на пазарот на труд има премногу економисти, правници, социолози, филозофи и слично, но нема доволно инженери. Од друга страна, сведоци сме дека постојано се отвораат нови индустриски капацитети на кои секако им треба соодветен кадар, па побарувачката за овие струки сè повеќе се зголемува. Иако нема голем број на големи металуршки компании, неколку се и се бројат на прсти но вработуваат голем број на инженери металурзи, а се појавуваат и повеќе други помали компании кои се занимаваат со обработка на челик, метали нивно облагородувањe, на кои исто така им е потребен стручен кадар од областа на технологијата и металургијата. Еден дипломиран металург најмалку што може е да работи како инженер, но со тек на времето и да се движи по организациската хиерархија до највисоките раководни места.

Сподели!
- Advertisement -