Градот со најдобар квалитет на живот годинава е прогласен и за најзелен град. Виена како милионска метропола има рекорден удел на зелени површини од вкупно 53% – 1.000 паркови, 500.000 стебла и безброј зелени површини во градското подрачје.
Во борбата против климатските промени и горештините во градовите од големо значење се бројните зелени површини.
„Од таа причина веќе со години ги шириме зелените површини во Виена, така што сега на располагање имаме над 1.000 паркови. Само во последните десет години, после опсежниот редизајн, 204 паркови се новоизградени или повторно отворени. Тоа значи нов парк на секои 18 дена“ објаснуваат од градската влада за заштита на животната средина.
Виена во наредните години планира да преуреди уште 137.000 квадратни метри паркови и зелени површини. Еден од тие редизајнирани паркови станува и прв парк за разладување во Виена – Естерхазипарк.
Во центарот на тој парк ќе бидат поставени тушеви со водена магла, посадени билки и дрвја со големи крошни. Покрај тоа, ќе биде отстранет дел од асфалтната површина и бетонот за да се посадат нови дрвја, цвеќиња и тревници. Благодарение на инсталација за разладување околната температура ќе може да се намали за 6 степени Целзиусови.
(Bizlife)
(фото: Wikimedia)