23 C
Skopje
петок, септември 25, 2020

Долгорочното неинвестирање во научно-истражувачката дејност се рефлектира негативно во сите општествени сфери

TMF desktop 19.08.2020

Интервју со Вероника Томова, раководител на Oдделoт за истражување и развој на Меѓународниот Балкански Универзитет

Од почетокот на годината Меѓународниот Балкански Универзитет отвори Оддел за истражување и развој. Може ли да ни кажете кои се неговите цели и планирани активности?

Одделот за истражување и развој при Меѓународниот Балкански Универзитет започна со работа во јануари 2020 година, како одговор на предизвикот за постојано унапредување на истражувачката дејност и усогласување на образовната методологија со светските стандарди и практики. Одделот за истражување и развој е стратешки поставен сектор кои има за цел да ги интегрира сите седум факултети при Меѓународниот Балкански Универзитет во научно-истражувачки цели и меѓународна соработка со високо-образовни институции ширум светот. Овој Оддел како интегративен и координативен орган за проектна работа е задолжен да креира меѓународна соработка и партнерство со други високо-образовни институции. Во тој дух, Одделот за истражување и развој, во своето досегашно делување и во рамки на досегашните проектни иницијативи, има развиено капацитети во доменот на родовата еднаквост во високото образование, одржливиот развој и циркуларната економија, миграциските и човековите права, младинското претприемништво, како и академската размена на кадар, студенти, знаења и добри практики.

Воедно, Меѓународниот Балкански Универзитет е членка на неколку мрежи на високо-образовни институции и истражувачки субјекти, како:

  1. Асоцијацијата на Европски универзитети (European University Association – EUA)
  2. Евроазиска Унија на универзитети (Eurasian University Union – EURAS)
  3. Асоцијацијата на Балкански универзитети (Balkan University Association – BAU)
  4. Евро-Meдитеранска Унија на универзитети (Euro Mediterranean University Association – EMUNI)
  5. Економско-Општествениот Департмент на Обединетите Нации (UN’s Department of Economic and Social Affairs – UN DESA)
  6. Глобалното партнерство за истражување, идентификација и валидизација со Data Universal Numbering System (DUNS)

Кои области на развој и истражување предничат? За што има најголем интерес?

Со оглед на тоа дека Одделот за истражување и развој работи во служба на седумте факултети при Меѓународниот Балкански Универзитет, проектните иницијативи се во рамки на академските дисциплини на факултетите. Со цел да оствари ефикасност во менаџирањето на расположливите ресурси, Одделот за истражување и развој активно ги следи трендовите на домашните, регионални, европски и светски фондови и структури за поддршка во научно-истражувачката и проектна работа, и согласно нивните потреби и повици за предлог-проекти, развива капацитети и соработка со релевантни субјекти во областа. Поради состојбата на пандемија причинета од Корона вирусот, моментално преовладува трендот на иновација во наставната и испитна методологија преку примена на дигиталните технологии, додека мигрантската и хуманитарна криза своевремено наметна тренд на истражувачки проекти со цел изнаоѓање решенија за справување со истата.

Кои се според вас најголемите предизвици во сегментот на истражувачка работа?

Додека Словенија во регионот се издвојува како земја со најголеми инвестиции во научно-истражувачки цели со 2,2 % од бруто домашниот производ, зад која следуваат Србија, Хрватска и Бугарија со одделување од 0,7 % до 0,8 % од БДП, за жал ние сме земја со најмали инвестиции во науката во регионот од 0,2 % од БДП. Таквата состојба на дефицитарна инвестиција во научно-истражувачките цели е актуелна многу долг период, што воедно се рефлектира на перформансите во другите општествени сфери. Покрај дефицитарната инвестиција во науката, самата стратегија на Министерството за Образование и Наука за периодот од 2018 до 2025 година препознава несоодветна инфраструктура на научно-истражувачките центри, којашто поставеност на нештата, дозволува провлекување на лажни вести наместо на научно-поткрепени факти и сознанија. Воедно, покрај несоодветната инвестиција и инфраструктура, ограничениот пристап до потребната литература, недоволната валидизација на научно-истражувачкиот труд и слабата примена на теоријата во пракса, претставуваат додатни предизвици во научно-истражувачката дејност.

Како актуелната Ковид криза се одрази/одразува врз работата на центарот?

Пандемијата причинета од новиот Коронавирус се одрази во секоја земја и секоја сфера на нашето досегашно постоење и функционирање. Во свет кој е глобален и комплексно поврзан, секако дека кризата се одрази и врз Центарот за истражување и развој и наметна нова „нормалност“ во своето работење. Меѓународниот Балкански Универзитет во своите 19 додипломски и 6 постдипломски програми вклучува студенти од 20 различни националности, брои повеќе од 200 меѓународни договори, 126 меморандуми за прекугранична соработка, 38 Еразмус + договори и 44 Мевлена договори за мобилност меѓу другите, со што е невозможно да остане имун на околностите причините од пандемијата. Следствено, досегашната мобилност на академски кадар и студенти како начин на размена на знаења и добри практики која беше предвидена во секој предлог-проект, под влијание на Корона вирусот се адаптираше на виртуелната интеракција и соработка со високо-образовни институции и истражувачки субјекти како алтернатива на досегашната работа на центарот.

Без разлика на неприликите причинети од актуелната пандемија, Одделот за истражување и развој при Меѓународниот Балкански Универзитет има за цел да прерасне во водечки научно-истражувачки и проектен центар на национално и регионално ниво. Отворени сме за соработка со сите заинтересирани субјекти да ни се придружат во истражувањето и остварувањето на нови можности во науката. Европските грантови шеми како Хоризонт, Еразмус, Европскиот Културен Фонд, Централно-Европската Иницијатива, како и иницијативите за регионална соработка на Западен Балкан, остануваат во нашиот фокус.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •