Интервју со Наташа Лазаровска Трајчески, национален експерт на World Summit Awards (WSA) и еден од ко-основачите на Стартап Македонија. Разговаравме за престижните World Summit Awards и можностите кои истите ги отвараат за македонските стартапи и воопшто македонската иновативна заедница!
Разговараше – Верица Јорданова
Наташа, во тек е пријавувањето за престижните World Summit Awards (WSA). Може ли да ни кажете повеќе детали за овие награди, кои се отворени за номинации и од Македонија?
World Summit Awards (WSA) се реномиран систем на награди, кој ги избира и промовира локалните дигитални иновации кои имаат позитивно влијание врз подобрување на општеството. Тие претставуваат глобална мрежа на стартапи, социјални претприемачи, ментори, членови на жири, експерти, владини лидери, претставници на академијата и граѓанското општество. Наградите се организираат повеќе од 15 години, на кои се номинираат дигитални решенија со општествено влијание од над 180 земји членки на ООН. Нивната цел е поддршка на Агендата за одржлив развој на ООН по 2025 година. Инаку, WSA ги избира и промовира најистакнатите дигитални содржини во светот во oсум различни категории и тоа: Ангажирање на владата и граѓаните, Здравство и благосостојба, Образование и учење, Животна средина и зелена енергија, Култура и туризам, Паметни населби и урбанизација, Бизнис и е-трговија, Инклузија и зајакнување.
Процесот на номинација се одвива преку еминентни национални експерти во над 180 земји членки на ООН. Потоа следи процес на евалуација и предселекција кој се спроведува од страна на online жирито и на крај се врши финална селекција од страна на Големото жири при што се избираат вкупно 40 победници од сите осум категории.
Вие сте национален експерт за Македонија. Која е Вашата улога во овој процес?
Од 2018 година, станав дел од WSA мрежата и сум национален експерт и член на online жирито на овие награди. Како национален експерт одговорна сум за пронаоѓање и номинирање на најдобрите дигитални решенија со општествено влијание од нашата земја. Тоа го правам во соработка со Стартап Македонија, како и преку консултација со претставници на македонскиот иновативен екосистем, вклучително и организациите за поддршка на стартапите кои секако играат огромна улога во процесот на креирање и развој на нови иновативни производи и услуги на пазарот. Од друга страна, како член на online жирито, учествувам во процесот на предселекција на номинираните решенија на глобално ниво. Тоа ми овозможува пристап до иновативните екосистеми на држави со најразличен степен на развој и можност да се запознаам со нивните локални предизвици и начини на решавање на истите. Тоа е навистина инспиративно и отвара нови хоризонти кога ќе видите како на пример во Бангладеш се надминуваат предизвиците за пристап до храна, или како во Индија се пристапува кон подигање на свесноста за родовата еднаквост, или пак како Шведска го подобрува квалитетот на образовниот систем и сл.
Номинирањето на стартапите за оваа награда се отворени до крајот на септември. Кој се може да аплицира и да биде номиниран? Има ли некои критериуми кои треба да се исполнат?
Постојат неколку критериуми кои е потребно да се исполнат за одредено дигитално решение да биде номинирано за овие меѓународни награди. Она што е потребно е истото преку креативно и паметно користење на ИКТ да решава локални проблеми. Решението може да биде и едноставна апликација заснована на СМС, креативна апликација, online платформа и сл. кое е веќе на пазарот и не е постаро од две години во моментот на номинација. Доколку решението постои на пазарот повеќе од 2 години, за да биде подобно за номинација, истото треба во последните 2 години да претрпело значителна промена, односно да вовело дополнителни подобрувања. Во најдобар случај, номинираните решенија веќе се применуваат и во други земји или истите би можеле да најдат примена и во други земји, или да бидат пример за најдобри практики во светот. Она што е карактеристично за овие награди е нивната инклузивност, па така не постои ограничување од аспект на правната форма на ентитетот за номинација. Напротив, подобни за номинирање се било какви ентитети од стартап компании, поголеми компании и корпорации, најразлични организации, државни институции, или поединци кои имаат развиено дигитално решение со локално влијание.
– Кои се бенефитите и можностите ако една македонска стартап компанија биде селектирана и номинирана за овие награди?
Придобивките од номинацијата и учеството на овие награди се многубројни како за номинираните решенија, така и за победниците. Номинираните решенија се пред сè национални победници и истите како најдобри локални решенија ја претставуваат државата во WSA глобалната мрежа. Преку тоа им се овозможува пристап до нови соработки, при што од оваа година за прв пат сите номинирани решенија ќе добијат и WSA Номиниран печат со што ќе се зголеми видливоста на нивната номинација за овие престижни награди, што може да допринесе и до зголемени можности за пристап до нови партнерства, инвестиции, клиенти и сл.
Доколку дигиталното решение биде избрано за победничко, производите на победниците ќе бидат претставени како најдобри решенија во мрежата на глобални партнери и истите ќе бидат видливи на веб-страницата на WSA. Победниците ќе добијат и пристап до глобални експерти, ментори, членови на жирито и иноватори од сите страни на светот, како и можност да ја искористат WSA мрежата за остварување на нови деловни контакти. Исто така, тие ќе бидат поканети на Глобалниот конгрес на WSA кој секоја година се одржува во различна земја членка на ООН, каде присуствуваат над 400 делегати. За време на Глобалниот конгрес се организираат различни работилници, менторски сесии, како и пичинг натпревар и врз основа на гласање на сите членови на жирито и публиката се избира по еден глобален победник по категорија.
– Имало ли досега македонски стартапи кои биле номинирани?
Од 2018 година, кога јас станав национален експерт за WSA номинирани се повеќе македонски решенија. За 2018 година номинирани беа Мој Воздух, ЕКГ Алерт, Airport Briefing, When in X, paketi.mk, sozdadi.com и ДТК Смарт тек. Додека, пак за 2019 година номинирани беа Солар Дата колектор, ФинХакатон-Граѓански Буџет, Асистивна технологија за лица со дислексија (Бато), Интелигентни Лежечки Полицајци и QPick.
При тоа сакам да истакнам дека од овие номинирани решенија имавме четири (Мој Воздух, ЕКГ Алерт, Airport Briefing и Интелигентни Лежечки Полицајци) кои успеаја да влезат во предселекција. Ова секако претставува огромен успех, особено имајќи предвид дека истите беа предселектирани од над 400+ апликации и влегоа во потесен избор за финалната селекција заедно со уште 100-тина други апликации.
Ова е уште една потврда дека македонскиот иновативен екосистем е конкурентен на глобално ниво и дека благодарение на сите чинители од екосистемот очекуваме да имаме повеќе меѓународни успеси на македонската стартап заедница.
Затоа, искрено се надевам дека оваа година ќе имаме барем еден глобален победник од нашата држава!
Повеќе информации за процесот на пријавување и номинирање може да најдете на следниот ЛИНК.