15.8 C
Skopje
вторник, септември 28, 2021

Душица и Маја, охриѓанките кои го прават најубавиот мармалад од портокал!

Kabtel desktop

Душица Мато и Маја Чубриќ две прекрасни девојки вљубени во природата, кои успеаја најубавите вкусови од природата да ги спакуваат во волшебни теглички, кои се повеќе привлекуваат внимание на сладокусците.

Разговараше: Верица Јорданова

Маја и Душица се две прекрасни охриѓанки кои ги запознав мината есен на обука за дигитален маркетинг. Вљубенички во планината, природата, пешачењето и во Охрид, Маја и Душица неуморно го развиваат Трекк Ме, компанија која нуди пешачки тури по Охрид и Галичица. Прекрасниот концепт и безгрижните прошетки со туристите за жал беа сериозно редуцирани од корона карантинот и севкупната атмосфера настаната од глобалната пандемија. Но, не бадијала е изреката дека „од секое зло се раѓа и некое добро“, па за време на еден карантински викенд дружбата на двете пријателки во прекрасниот двор на Маја, со поглед на Охридското Езеро, завршила со нова креативна идеја од која денес тие планираат да развијат сериозен бизнис! Тогаш всушност се „роди“ македонскиот мармалад од портокал, кој денес е вистински хит!

Како започна се?

„Си седиме во нашиот двор над Антички Театар во Охрид, за време на еден карантин, кога Душица се сети на стариот рецепт за мармалад од портокал кој научила да го прави во Италија. Го направивме мармаладот со вишокот портокали кои ги имавме дома, наполнивме неколку теглички кои ги спакував по мој вкус и сосема спонтано ги објавивме на Инстаграм профилот на Трекк Ме. Неверојатен за нас беше фактот дека во истиот момент добивме нарачки и практично првото производство од две-три теглички веднаш се продаде. Ова за нас беше сигнал дека производство на мармалад од портокал може да биде добра бизнис идеја“, се присетува Маја.

Интересно е дека кога ги прашале пријателите за идејата – производство на мармалaдчиња, добиле одговор: „не, ова нема шанси да се продава кај нас. Тоа не се локални производи и затоа тргајте ги од ум“. Среќа што Маја и Душица се непоправливи оптимисти и вредни претприемачки, па продолжиле со тестирањето на новиот бизнис концепт.

Прекрасните теглички мармалад содржат до 93% портокал и само 5-6% шеќер, зависно од тоа колку е благ портокалот, и малите занаетчиски тајни на мајсторите!

За време на карантинот, фантастичните теглички полни со волшепство од вкусови ги доставувале непосредно пред почеток на полицискиот час, само да се задоволат потребите на купувачите. Со тек на време добар дел од клиентите повторно и повторно нарачуваат, а оттогаш наваму Душица и Маја немаат ден во којшто не прават нови и нови теглички од мармаладот кој дефинитивно го освојува вкусот на пребирливите потрошувачи и оние кои сакаат здрава и природна храна, без адитиви и додатоци.

Тајната на мармаладот од портокал

Тајната на успехот на Маја и Душица и „виновникот“ за непроспиените ноќи е вкусниот рецепт за мармаладот од портокал кој Душица за прв пат го пробала во Италија. Основните состојки се само портокал и шеќер, и неколку „магии“ кои никому не ги откриваат.

„Овој мармалад првпат го пробав на езерото Комо во Италија како додаток со аперитив, заедно со сиренца. Се вљубив во тој вкус и успеав од готвачот во хотелот да ја извлечам тајната за правење на овој деликатес, кој години подоцна редовно си го правев за своја душа“, раскажува Душица, пресреќна што денес работата и е задоволство, а секој ден и секоја пора полна со убавите цитрусни мириси.

Од ден во ден идеите се развиваат и денес под брендот на Трекк Ме и под капа на концептот „zero waste“ ги прават и кандираните кори од портокал и грејпфрут. Практично ништо од постапката на правење мармалад не се фрла, а корите сушени на охридски воздух и сонце се едноставно превкусни. Може да се користат како десерт, но и како интересен додаток со аперитиви и вино.

Врвниот вкус на Трекк Ме деликатесите дефинитивно не е случајност. За него клучна улога има и Климент Јанковски, врвен и докажан прехранбен биотехнолог и професионалец во својата работа. Маја и Душица за него велат дека не е само нивниот најдобар пријател, туку и огромна морална поддршка и лојален консултант и критичар во однос на целата постапка и процесот на производство.

Во моментов во асортиманот на Трекк Ме деликатесите мармалад од портокал и од грејпфрут, кандирани кори од портокал и од грејпфрут, како и сушени охридски домати во маслиново и ладно цедено сончогледово масло. „Наскоро доматите ќе бидат од нашата бавча, каде посадивме охридски домат, чери и пелати домати“, најавуваат Маја и Душица.

За нив движечка сила во целава оваа приказна е реакција на луѓето откако ќе го пробаат мармаладот кој го дефинираат како „уште повкусен портокал“, а грижата за клиенти е нивен врвен приоритет. Од добивањето на нарачката и експресното одговарање, до брзината и начинот на достава на пратката, пакувањето и скриеното изненадување. Така се родија бројни пријателства и задоволни клиенти со кои тие навистина се гордеат.

Иако целта на ова производство не е да стане масовно, туку да биде „мала слатка тајна“ на вистинските сладокусци, основачките на ТреккМе започнаа постапка за регистрација и официјализирање на производството.

Што понатаму?

Следната фаза е опремување на просторот за производство по сите стандарди за производство на храна. Но, засега и на некој среден рок сакаме да останеме на ниво на занаетчиско производство, со ограничени количини.

Маја и Душица најавуваат и нови цитрусни вкусови во тегличките на Трекк Ме, но и нешто многу уникатно на Tavola Bianka, белата маса на прекрасната тераса над Антички. Но, да не откриваме баш се!

Информации и нарачки на овој линк.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •