Наташа Сивевска: Воведувањето сертификати за социјални стандарди се клучни да се задржат постојните и да се најдат нови бизнис партнери

- Advertisement -

За новата услуга на Текстилниот кластер за воведување на социјални стандарди кај компаниите разговаравме со извршната директорка Наташа Сивевска.

Г-ѓа Сивевска, за каква услуга станува збор и каков е првичниот интерес кај Вашите членки? 

- Advertisement -

Текстилниот кластер од февруари 2019 година работи како дел од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, каде една од главните активности е воведување социјални стандарди кај компаниите од типот на СА8000, БСЦИ и СМЕТА. Во таа насока вработените од извршната канцеларија на Tекстилниот кластер по серијата теоретски и практични обуки се здобија со сертификат од реномираната консултантска куќа TUV NORD и се стекнаа со знаење за имплементција на социјални стандарди. Тоа ни овозможи понатаму да работиме со компаниите од текстилниот сектор на нивна подготовка за социјален аудит. Потребата од воведување на овие стандарди е евидентна исто како и интересот на компаниите и развивањето на услугата за стручна поддршка во имплементација на социјална усогласеност се наметна како една од поважните активности на Текстилниот кластер.

Зошто имплементацијата на овие стандарди е важно за компаниите од оваа индустрија? 

- Advertisement -

Македонските текстилни компании се извозно ориентирани при што 95% од производството оди на пазарите во ЕУ. Земјите од ЕУ во своето законодавство имаат точно прецизирани правила кои треба да се почитуваат во целиот ланец на добавување. Според тие правила сите добавувачи, изведувачи, подизведувачи и соработници на соодветниот бренд треба да ги почитуваат социјалните стандарди и воедно преку социјален аудит да ја докажат социјалната усогласеност. Од друга страна за компаниите во Македонија исто така е важно токму преку социјалните стандарди да го подигнат имиџот на гранката и да покажат дека во нивните капацитети се исполнети барањата за социјална усогласеност. Токму овие два аспекти се клучни за една компанија да посвети внимание и грижа за правецот во кој истата ќе се развива и ќе ја одржува својата конкурентна позиција.

Имате ли преглед колку од домашните компании имаат имплементирано вакви стандарди? 

- Advertisement -

Бројот на текстилни компании кои ги практикуваат принципите на социјална одговорност не е мал, и посебно радува фактот што компаниите се општествено одговорни пред се заради социјална стабилност на компанијата и добросостојбата на вработените, а не само од причина што странските купувачи бараат воведување на социјални стандарди кај своите добавувачи. Во однос на потврдата за социјална усогласеност која се обезбедува преку социјален аудит од страна на лиценцирани аудитори од водечки консултанстки куќи во Европа, можам да посочам дека имаме компании кои со години наназад редовно се контролираат и поседуваат највисоки оцени за социјална усогласеност. Но исто така не е мал бројот на компании кои во моментот се во иницијална фаза или во фаза на подготовка за социјален аудит и со нив ќе работиме во делот на имплементација на стандардот.

Во пракса, на терен какви интервенции треба да направат компаниите за да имплементираат вакви стандарди? Koлку се применливи во наши услови? 

Македонското законодавство покрива голем дел од барањата на социјалните стандарди, посебно во делот на здравје и заштита при работа, работното време и исплатата на плати. Соодветно на тоа може да се каже дека компаниите кои ги почитуваат законските обврски се прилично подготвени за социјален аудит. Меѓутоа, секогаш има одредени специфики кои треба да се исполнат и токму тука е нашата улога. Да направиме проверка, да сугерираме корекција, да ја подигнеме свесноста кај менаџерскиот кадар, но уште повеќе кај вработените кои треба да бидат запознаени со своите права и обврски. Интервенции се присутни во делот на запазување на мерките за безбедност, како на пример поставување на планови за евакуација, проверка на електричната инсталација, работа со хемикалии итн, но и во делот на менаџмент системите како на пример добро информирање на сите вработени за политиките и процедурите на социјалната одговорност и барање на социјална усогласеност кај добавувачите и дистрибутерите со кои работи компанијата.

Наведете ни некој успешен пример? 

Во изминатиот период работевме со десетина компании на нивна подготовка за импелементација на социјални стандарди, а посредувавме кај уште исто толку компании за нивно поврзување со аудитори соодветно на социјалната усогласеност која сакаат да ја воведат. Во моментот некои од компаниите се во фаза на договарање на аудит термин, а неколку компании со наша консултација успешно го поминаа социјалниот аудит со високи оцени за усогласеност како на пример „Мода“ и „Златекс“.

Како еден од успешните примери секако би ја посочила и компанијата „Ларс Трејд‘ со која процесот го водевме од почеток. Посредувавме во поврзувањето со аудит компанија за BSCI усогласеност, направивме неколку посети во компанијата, имавме состаноци со одговорното лице за социјална усогласеност, направивме обиколка на компанијата за идентификување на евентуално постоење на неусогласеност со стандардот и составивме листа на препораки и листа на потребни политики и процедури. Контактиравме постојано во периодот на подготовка како и во делот на изготвување на самооценувачкиот прашалник што мислам дека беше од големо значење за квалитетна реализација на целиот процес на подготовка. Ларс Трејд го помина успешно аудитот и се здоби со потврда за усогласеност со највисока А оцена, што на некој начин беше потврда и за квалитетот на нашиот ангажман. Воведувањето на стандардот и овозможи на компанијата да ги задржи постоечките купувачи, но што беше уште поважно во услови на пандемија сертфикатот овозможи склучување на договори со нови клиенти.

Кои се идните проекции и планови на Текстичниот кластер во оваа насока? 

Воведувањето на социјални стандарди е актуелна тема, посебно во услови на пандемија и ќе биде еден од главните критериуми кој брендовите ќе бараат да биде исполнет од страна на производителите на облека. На тоа укажуваат и секојдневните контакти што ги имаме со членките поврзани со социјалната одговорност. Ние како Кластер сме посветени на оваа тема и поради тоа постојано вложуваме во унапредување на нашите знаења од оваа област.  Во таа насока преку соодветна еднукација се здобив и со сертификат за аудитор за стандардот SA8000 oд Social Accountability International USA, кој е основа на сите останати социјални усогласености, а стекнатото знаење секако ќе придонесе за поквалитетна услуга кон членките на кластерот. Организиравме и едукативна обука крајот на октомври во склоп на Проктот на УСАИД за развој на  деловниот екосистем, на која учествуваа 25 лица и на која беа опфатени темите на социјална одговорност. Од наша страна беа презентирани барањата на стандардот SA8000, а од страна на консултантската куќа TUV NORD беа презентирани социјалните извештаи BSCI и SMETA/SEDEX.

Министерството за економија ја презентираше програмата која заедно со Текстилниот кластер беше развиена во 2019 година а се однесува на поддршка на компаниите за воведување на социјални стандарди со покривање на значаен дел од трошоците. Имавме и учество на компанија од Германија, пазарот на кој извезуваме повеке од 65%. Претставникот на компанијата HASSNATURE зборуваше за Fair Wear усогласеноста како и општо за стандардите од преспектива на бренд и како заеднички да се постигне подобра социјална усогласенот кај компаниите. На крај од страна на „Трајковски и Партнери“ беа презентирани најновите препораки на British Standard Institute за управување со безбедна работа во услови на Ковид пандемија, тема која е многу актуелна во овој период на кризна состојба. Настанот ја потенцира потребата од консултантска поддршка за имплементирање на социјалната одговорност кај компаниите и ние како текстилен кластер сме спремни да ја испорачаме таа услуга на квалитетно ниво.  

Сподели!
- Advertisement -