Повеќе од една третина од учениците во светот немале пристап за учење на далечина, кога поради пандемијата на коронавирусот нивните училишта се затвориле, објави денеска УНИЦЕФ, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Во субсахарска Африка речиси половина од учениците не можеле да учат на далечина, додека во Источна Европа и делови на Азија една третина, се наведува во извештајот.
Најчесто наставата преку интернет ја пропуштаат најмладите ученици и оние од најсиромашните семејства или рурални домаќинства. Речиси 1.5 милијарда деца се погодени од затворањето на училиштата за време на карантинот.
„За најмалку 463 милиони деца чии училишта беа затворени поради Ковид-19, немаше настава на далечина. Големиот број на деца чиешто образование беше прекинато со месеци ќе резултира со глобална криза во образованието. Последиците во економиите и во општеството може да се чувствуваат со децени“, рече директорката на УНИЦЕФ Хенриета Фор.
Во извештајот се користени податоци од стотина држави за достапноста на технолошки уреди во домовите и можностите потребни за онлајн настава, како што се пристап до телевизија, радио и интернет. Дури и да ги имаат овие можности дома, децата можат да бидат спречени поради недоволна поддршка, лоши услови за учење или притисок да работат, се вели во извештајот.
Од УНИЦЕФ ги повикаа владите да ги отворат училиштата со безбедносни мерки, односно во плановите за повторно отворање на училиштата да вклучат проширен пристап за учење на далечина и да ги надокнадат изгубените часови.
Извор – Радио МОФ