Жените-технолози внесуваат креативност и иновација во производството!

- Advertisement -

Маја Ацески е менаџер во текстилната компанија Златекс, која веќе 18 години произведува заштитна облека. Станува збор за 95 % извозно ориентирана конфекција која произведува многу сложени артикли. Ацески и е диломиран технолог-конфекционер на Технолошко-металуршки факултет во Скопје која за рубриката “од ТМФ до успешна кариера“ раскажува за своето искуство како инженер-технолог.

Разговараше – Верица Јорданова

Што значи да се биде жена инженер?

- Advertisement -

Кога ќе се спомене инженер секогаш асоцира на машка професија, но, од мое лично искуство низ годините, многу припаднички на женскиот пол се запишуваат на техничките факултети, студираат и завршуваат со одличен успех. Некаде по патот на развој на кариерата, жените инженери останувале незабележани само затоа што во индустриите на повисоки раководни позиции биле мажи. 

Во денешно време тоа интензивно се менува затоа што се менува и профилот на инженерот. Денес не се потребни само технички вештини кои се стекнуваат во процесот на едукација. Инженерите-технолози се луѓе кои проектираат, анализираат и имплементираат технолошки процеси. Тие се способни да превземат лична одговорност за развојот и примената на инженерската наука. Но сега се потребни и доста меки вештини како што се интерперсонални, комуникациски, организациски и други вештини, кои се поприродни и поприсутни кај жените отколку кај мажите.

- Advertisement -

Кога сето ова ќе се надополни со женска енергија, креативност и естетика тогаш професијата инженер-технолог е голем предизвик за секоја жена. Затоа, според мене да се биде жена инженер не е само професија туку “mindset”  во кој приватно и професионално погледот на животот е како технолошки процес а не како производ.

Инженерот е јадрото во сите производствени процеси заради важноста на неговото интелектуално присуство. Тоа е исклучително важно за сите индустрии. Нема успешен производен процес и производ без стручни лица со квалификации и компетенции тој процес да го постави, следи и реализира. Инженерската, особено технолошката професија треба да се негува и мотивира затоа што уште долго време ќе има и потреба од производство на храна, облека и многу други производи кои се невозможни без технолог.

- Advertisement -

Зошто е технологијата е кул, креативна и предизвикувачка професија?

Мојата работа е многу интересна затоа што секојдневно се потребни менаџерски способности и креативност. Потребна е многу добра организација за да се планира и организира целокупното производство, да се делегираат задолженија и да се менаџираат човечките ресурси.

Но, исто така, потребна е голема креативност за да се биде менаџер што ќе може да ги инспирира другите, заеднички да ги реализираме поставените цели. 

Зошто се решивте да студирате на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје?

Кога го привршував моето средно образование имав две тенденции, економски или технички науки. Прв избор ми беше економијата но игра на случајности сепак ме донесе на ТМФ. И покрај тоа што ми беше втор избор, со гордост можам да кажам дека ми е вистинскиот избор. Од оваа дистанца не би можела да се замислам во друга професија. 

Јас студирањето го започнав 1999 година на отсекот конфекциско инженерство, кога интересот за оваа неасока беше огромен. Денес оваа насока успешно е трансформирана во насоката Дизајн и инженеринг на облека, која што ги вклопува инженерскиот дел од базното текстилно инженерство, изработката на облека и модното креирање. Како и на секој технички факултет, поради теоретскиот и практичниот дел, ние поминувавме доста  време на факултетот. Тоа ми беше дополнитена инспирација и предизвик затоа што времето поминато таму, покрај тоа што ни даваше знаење, не учеше и на неопходноста од тимско функционирање за да се создаде некој производ.

На ТМФ покрај тоа што го добив формалното образование исто така добив и доста неформално образование. На техничките факултети е секогаш возбудливо затоа што се е процес. Уште додека студирав во летните периоди одев на пракса во текстилни фабрики и се вклучував директно во производството што беше големо олеснување кога официјално се вработив по дипломирањето.

Кариерата ја започнав во компанијата Златекс и првата работна позиција ми беше во одделот за конструкција на модели. Во компанијата работам скоро 15 години и веќе подолго време сум на менаџерска позиција. Имам поминато неколку позиции на хиерархиската скала, но секогаш првенствено сум инженер и тоа е нараскинлива релација. 

За да се надградуваш, многу е важно најпрво да имаш некаква појдовна база. Јас, како дипломиран конфекциски инженер, многу лесно се вклопив во оваа организација. Многу ми се допадна затоа што овде препознав компанија што нуди можности за раст и развој. Паралелно со организацискиот развој се развивав и како личност.

Сподели!
- Advertisement -