Корона кризата продолжува да го зема својот данок преку намалување на индустриското производство и бројот на вработени во индустријата во нашата земја. Од јануари до јули 2020 година, индустријата регистрирала опаѓање на бројот на вработени за 4,6 отсто во споредба со лани, а најголема причина за ова е падот на индустриското производство од 13,8 отсто во првите седум месеци од годинава.
Податоците за јули 2020 година покажуваат забавување на падот на индустриското производство. Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на индустриското производство во јули 2020 година изнесувал 90,5, или за 9,5 отсто помалку во однос на јули 2019 година,
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, бележи опаѓање од 36,1 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 6,5 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 2,6 отсто.
Според главните индустриски групи, производството во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, бележи опаѓање кај Енергија за 10,7 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за 9,1 отсто, Капитални производи за 17,4 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 37,3 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 0,6 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на бројот на работниците во индустријата во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, изнесува 93,8, односно вработеноста во индустријата била помала за 6,2 отсто.
Бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, бележи опаѓање од 0,7 отсто, во секторот Преработувачка индустрија опаѓање од 6,9 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 0,9 отсто.
Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, бележи опаѓање кај Енергија за 0,9 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за 5,4 отсто, Капитални производи за 10,9 отсто, Tрајни производи за широка потрошувачка за 7 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,4 отсто.