Кинеската Национална биотехничка групација (CNBG) и компанијата Sinovak (Sinovac Biotech Ltd.) соопштија дека уште земји, меѓу кои и Србија, прифатиле да учествуваат во третата фаза од клиничките испитувања на нивните вакцини против корона вирусот, пренесува Reuters.
Србија и Пакистан се едни од земјите кои прифатија да учествуваат во третата фаза од испитувањата, додека кинеските компании бараат повеќе податоци од странство за конечно одобрување на потенцијалните вакцини, бидејќи поради се помалиот број новоинфицирани луѓе во Кина земјата не е поволно место за тестирање.
За да добијат дозвола за масовна употреба на вакцините фармацевтските компании мора да докажат дека се безбедни и доволно ефикасни и тоа на основа на податоци собрани во обемната трета фаза од клиничките испитувања.
Кина веќе дозволи две вакцини на CNBG и една вакцина на Sinovak да им се дадат на ограничени групи луѓе кои се соочуваа со поголем ризик од инфекција, како што се медицинските работници.
Во Србија ќе бидат тестирани двете вакцини на CNBG, додека во Пакистан ќе се тестира вакцината која ја разви подружницата од Пекинг. Во третата фаза од клиничките испитувања ќе учествуваат 50.000 луѓе во околу десет земји. Испитувањата веќе започнаа во ОАЕ, Перу, Бахреин, Мароко, Аргентина и во Јордан.
(N1)
(фото: Freepik)