Научници во Берн и во Цирих открија како корона вирусот манипулира со човечките клетки за да се размножува. Во списанието Nature Structural and Molecular Biology научници од Сојузниот технолошки институт ETH во Цирих и од Универзитетот во Берн објавија труд во кој се открива механизмот со помош на кој корона вирусот успева да се размножува во човечкото тело. Тој научен труд ќе помогне да се развијат лекови и вакцини против корона вирусот.
Главниот научник на тој труд е молекуларниот биолог Ненад Бан. Станува збор за процес сличен на тоа како пиратите киднапирале бродови. Имено, вирусот презема контрола над заразената клетка затоа што секој вирус зависи од ресурсите и молекуларната машинерија на клетките за да се размножува.
Како што појаснува Бан, тој го открил механизмот кој го користи корона вирусот за да создава свои протеини наместо на клетките, што не само го олеснува создавањето нови вируси, туку се намалува и имунолошкиот одговор на телото против инфекцијата.
„Пред нашето откритие и сличните откритија на научници во Германија не се знаеше како вирусот ги презема клеточните капацитети во своја корист. Овие резултати се клучен придонес за разбирање на животниот циклус на САРС-Ков-2 и неговата интеракција со човечките клетки за инфицирање. Вирусот зависи од биолошките процеси во клетките за да се репродуцира. Кога вирусот ќе навлезе во клетките, по упатства на неговиот генетски материјал клетките почнуваат да синтетизираа нови вируси кои излегуваат од нив и предизвикуваат симптоми на болеста. Но, клетките имаат и сопствен одбранбен систем кој се бори против таквата инвазија на вируси. Тоа е т.н. прво ниво на одбрана, кое се случува во првите минути после инфекцијата, пред да се развијат антитела. Поради тоа вирусот кога ќе влезе во клетките мора да ги спречи да произведат одбранбени молекули, но истовремено и да ги искористи самите клетки за да се репродуцира“ вели Бан.
„Токму тоа е целта на првиот протеин кој го создава вирусот. Ние откривме како се врзува тој протеин за да ја инхибира синтезата на протеини во клетката која се обидува да се бори против вирусот“, додава Бан, но објаснува дека како и се врзано за корона вирусот, не може да се очекува дека овие нови откритија многу брзо ќе се применат во пракса. Сепак, вели дека нивното откритие има две потенцијални примени.
„Прво, ние сека знаеме како да направиме вирус кој ќе биде помалку инфективен така што ќе ги промениме карактеристиките на протеинот 1, а тој ослабен вирус може да се користи за правење вакцини. Нашите резултати се корисни и за развивање нови лекови кои ќе спречат вирусниот протеин 1 да се врзе за клетките. Таквиот лек не би го стопирал вирусот, но би овозможил човечките клетки успешно да се борат против инфекцијата“ објаснува Бан.
(Klix.ba)
(фото: Pxhere)