Никола Упевче: Moзаикот е уметност на престиж. Сега и Вие може да бидете дел од него!

- Advertisement -

Туризмот дефинитивно е приоритет во економијата. Тој може да донесе многу приходи кој за локалното население. И не само во Охрид, туку во сите градови и села. Но, туризмот мора да се развива одржливо. Градовите првенствено да бидат „живи“ за луѓето во кои живеат, а потоа да се изнајдат форми на туризам кои нема да го загрозуваат секојдневниот живот, и нема да ја уништуваат природата.

Така започнува приказната за Јасминка Поповска од Струга и Катерина Василевска кои се креаторки на платформата Genuine Experiences. Овие две жени сакаат на локалните или интернационалните туристи во Македонија и соседна Албанија да им овозможат незаборавни искуства.

- Advertisement -

На нивната платформа имаат над педесетина локални занаетчии, домаќинки, спортисти, водичи, уметници и професионалци од различни области, од Охрид, Струга, Битола, Демир Хисар, Дебар, Ресен, Скопје, Пешкопеја, Мат, Булкизе, Дибра, кои им ја дадоа довербата, ентузијазмот и им дозволија да ги трансформирааат нивните вештини, знаења, преточени во автентични искуства наменети за туристи.

Едно од искуствата кое привлече најмногу внимание летово е правењето на мозаици со познатиот македонски уметник, конзерватор и реставратор, кој долго време уметнички се изразува преку формата мозаик, Никола Упевче. Ова е пример како уметноста може да се стави во контекст на туристичка понуда на еден иновативен начин.

- Advertisement -

Разговорот го водеше Љубица Ангелкова

Г-н Упевче, дали може да се живее кај нас од уметност?

- Advertisement -

Уметноста е повеќе од професија и работа. Многумина ќе речат дека за уметноста се живее, но добрите уметници од уметност можат да живеат и кај нас, дефинитивно. Уметноста за мене е сè. Од професија до начин на живот, интересирање, агол на гледање на нештата … Сметам дека како на професионалец, уметноста е повеќе од професија и работа.

Таа е во суштина жестока пасија, страст!

Да се занимаваш со мозаици, во земја на чие тло се создавале мозаици пред многу векови е привилегија. Имате ли впечаток дека тој сензибилитет кон мозаикот како форма на уметничко изразување пулсира низ генерациите?

Мозаикот како сликарска техника е познат од дамнина, а се изведува со составување на разнобојни повеќе или помалку правилни коцкички од камен, обоено стакло и глазирана керамика. Изработката бара сериозна подготовка, акција и организација затоа што кај мозаикот нема можност за корекција како во останатите сликарски техники. Според светската литература Македонија е земјата од каде што потекнува мозаикот како сликарска техника. Фреските се уништувале низ вековите, а од еден мал фрагмент од останатиот мозаик може да се создаде целосно нова композиција. За мене посебен предизвик е мозаикот со својата вечност и продолжување на животот што го носи.

Охрид е една значајна точка од мапата на светските културни наследства заштитени од УНЕСКО и неслучајно е прогласен за „музеј на отворено“. Особено, сè уште недоволно истражено и публикувано е мозаичното културно наследство од најразлични периоди. Во околината на Охридското Езеро пронајдени се вкупно 21 локалитет, со повеќе објекти декорирани со мозаик.

Како автор, а воедно и како заштитар конзерватор-реставратор, сум импресиониран од оваа сликарска техника која се надевам со сите овие потфати, си го враќа заслуженото место во јавноста и ја збогатува културната понуда од богатата ризница на Македонија.

Како започна вашиот интерес кон уметноста? Дали во овој контекст е привилегија да се родиш во Охрид?

Потекнувам од семејство во кое се живее уметноста. Нашата детска соба беше и ателје на мојот татко Славко Упевче. Бев опкружен со хартии, бои и материјали и не е случајно дека уште од најмала возраст можев да цртам, сликам и да совладам повеќе ликовни техники. Во текот на школувањето во 7 одделение со мојот професор Спиро Шулајковски организиравме самостојна изложба на дваесеттина акварели, темпера, гваш и цртежи кои беа изложени во холот од основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид. Имав можност да му помагам на мојот вујко во неговата печатарска работилница во Струга и да научам повеќе за техниката ситопечат. Уште од најмала возраст бев опкружен со личности чиј свет беше уметноста кои секако имаа влијание во мојот развој. Му помагав на мојот татко во изработката на повеќе паноа и реклами, а учествував и во организирањето на повеќе настани и изложби.

Учесници на работилница

Летово преку платформата за туристички искуства Genuine Experiences, им понудивте на туристите поинакво откривање на Охрид. За мошне кратко време повикот за работници беше пополнет во сите групи. Ве изненади интересот?

Мозаикот отсекогаш претставувал уметност на престиж која можеле да си ја дозволат царевите или црковните великодостојници. Таа и денес е една од најскапите сликарски техники. Но, јас одлучив своето знаење да го пренесам на аматери кои се заинтересирани за оваа техника. И навистина ме изненади фактот колкав беше интересот. Се пријавија луѓе од различни возрасти и беше навистина прекрасно искуство за нив.

Тоа е и работилница за мал формат на мозаик, се работи во мала група, може и индивидуално. Се учат техниките, се поминуваат неколку часови во изработка и секој учесник делото кое ќе го изработи си го носи како спомен од работилницата и секако од неговата посета на Охрид.

Сте патувале многу низ светот, професионално како реставратор. Го има ли Македонија потенцијалот за спој на уметноста со туристичката понуда?

Овој регион изобилува со традиции, занаети, природни убавини, личности кои прават вредни нешта и би биле исклучително интересни да се споделат со туристите од другите земји, а зошто не и на нашите туристи. На тој начин го зачувуваме културното наследство и се промовираме пред светот како народ достоинствен и вреден да се посети. Имаме природни ресурси на мала површина, на која може да ни позавидат далеку поголеми држави од Европа и светот. Ние сме привилегирани да живееме толку малку луѓе во една ваква богата земја. Ова е и освестување за локалното население да им го понуди на туристите нештото во форма на несекојдневни доживувања и искуства. Гостите не се само пасивни гледачи, туку директно со своите раце учествуваат во процесот на искуството, тоа значи на крај од посетата ќе го имаат првото рачно изработено дело од сопствените раце, со стручна помош на оној кој го нуди искуството.

Благодарение на Вас, Охрид неодамна доби грандиозен мозаик на кој се прикажани археолошките локалитети. Што тој претставува?

Овој мозаик е правен со мерак. Не се жалени средства, ниту за стакленца, кои биле донесени од Италија, ниту за камења кои се носени од Авганистан, лапислазули – еден специфичен камен со сина боја. На него се претставени најважните културно-историски знаменитости во Охрид и стариот дел на градот. На делото работев цели десет години, со цел градот да го претставам на еден поинаков начин. Она што е интересно, е дека на мозаикот се прикажани и остатоци од некогашниот град Лихнид, одбележани со златна боја.

Со појавата на „Гугл мапс“, ми се роди идејата да прикажам одредени невидливи работи со кои изобилува Охрид, затоа што денешниот Охрид е стар 1.000 години, но пред него постоел друг град кој се нарекувал Лихнид. Сите остатоци се внимателно забележани на оваа мапа и сите ранохристијански базилики кои се досега познати и непознати. На мозаикот, со димензија од преку два метра, особено се истакнати Плаошник, Самуиловата тврдина, Античкиот театар, црквата Света Софија и други. Тука е и Богородица Перивлепта, која има прекрасни фрески и колекцијата на Галеријата на икони, која е една од врвните во светот, Античкиот театар со својата тродимензионална форма. Сакав да ја оживеам таа можност која ја нуди мозаикот, што има разни дупки, па тоа и го направив, да ја искористам тродимензионалноста на овој специфичен објект.

Moзаикот поставен на влезот од стариот дел на градот, кај пристаништето

За Охридското Езеро беа употребени 25 нијанси на сина боја, со цел вистински да ја долови неговата посебност. Нема точен податок колку материјал е употребен, но дел од него е локален, охридски. Мозаикот кој е единствено вакво дело не само на Балканот, туку и пошироко, досега беше претставен во Рим и Барселона. А денес е поставено на влезот од стариот дел на градот, кај пристаништето.

Сподели!
- Advertisement -