За годинава се прогнозира пад на македонскиот БДП од 4,1 отсто и рецесија во сите земји од регионот
Пад на бруто-домашниот производ од 4,1 отсто за оваа, а раст од 3,6 проценти наредната и од 3,5 насто во 2022 година, предвидува Светската банка за нашата држава во најновиот, 18. Редовен економски извештај за Западен Балкан.
-Ковид-19 пандемијата силно ја погоди Северна Македонија, со ограничување на движењето, нарушени синџири на снабдување и продолжена неповолна епидемиолошка состојба, кои влијаат на веќе и онака неповолните економски изгледи во земјата. Како резултат на тоа, земјата се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата, истакна Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во земјава на вчерашната онлајн презентација на Извештајот.
Според проценките на Светска банка, во вториот квартал од годинава без работа останале 17.690 лица, а фискалниот простор е стеснет бидејќи долгот надмина 60 проценти од БДП. Крајот на економската криза е несигурен, па притисоците врз пазарот на трудот и врз приходите веројатно ќе продолжат уште неколку месеци, се наведува во извештајот.
-Краткорочните изгледи за Северна Македонија се позитивни, но доминираат надолните ризици. Фазата на сузбивање на пандемијата сé уште не е завршена и продолжената пандемија, заедно со сé уште важечките мерки за социјално дистанцирање може уште повеќе да го одложи закрепнувањето, оцени Паолучи.
Според економистот во канцеларијата на Светска банка во Скопје, Бојан Шимбов, нови рестриктивни мерки би имале помал ефект врз потрошувачите и фирмите од оној во април и мај, бидејќи во изминатите месеци тие имаа време да се приспособат.
Аналитичарите на Светска банка сметаат дека приватниот сектор во периодот по кризата би требало да се насочи на дигитализација и иновации.
-Ковид-кризата има влијание на промена на потрошувачките навики, е-трговија, работа од дома, комуникација од дома и сето ова има влијание на однесувањето на потрошувачите и фирмите кои треба да се приспособат, рече Шимбов.