Екстровертните личности почесто ги кршат правилата на карантинот, покажа едно истражување на влијанието на типот на личноста врз веројатноста дали поединците ќе останат дома за време на пандемијата или не.
Имено, истражувачи од универзитетот Кембриџ го анализираа однесувањето и личноста на повеќе од 101.000 луѓе ширум светот во текот на првиот бран на КОВИД-19. Тие открија дека луѓето кои се помалку невротични и помалку отворени за нови искуства почесто ги напуштале своите домови кога имало на сила строги правила за карантин.
Ова откритие ги изненади научниците затоа што тие очекувале луѓето со поотворен ум, кои почесто преземаат ризици да се тие кои почесто ги прекршуваат правилата. Сепак, отвореноста кон нови искуства се асоцира со подобра перцепција на ризикот и помалку себично однесување, па тоа би го објаснило овој неочекуван тренд, велат од тимот научници.
„Луѓето кои имаа слаби оценки за отвореноста кон нови искуства и невротичност помалку остануваа дома кога беа на сила строги правила за карантин. Сепак, тенденцијата да се прави тоа се намали како што се засилуваа мерките. На почеток бевме зачудени затоа што отворените личности се оние кои почесто преземаат ризик и се бунат против културните норми во потрага по нови, непознати нешта“, вели психологот Фридрих Гец од Универзитетот Кембриџ.
Сепак, како што велат истражувачите, отвореноста како особина исто така се поврзува со точна проценка на ризикот, со универзализам и персонификација со други луѓе. Така, во дигитализираниот свет во кој се јави пандемијата тиењ квалитети ги поттикнаа отворени личности да го следат ширењето на КОВИД-19 во нивните земји и да ја сфатат сериозноста на ситуацијата.
Во нивната студија д-р Гец и неговите колеги анализирале податоци од глобално истражување кое било спроведено уште при почетокот на пандемијата. Учесниците во истражувањето се од 55 различни земји, а податоците биле прибирани во периодото од 20 март до 5 април годинава.
(Daily Mail)
(фото: Pixabay)