Фондот за иновации и технолошки развој денес ги презентираше резултатите од првиот Јавен повик за иновациски ваучери, со кои се поддржуваат 34 научно истражувачки проекти. Проектите се наменети за развој на нови производи и услуги, со повисока додадена вредност, а на нив ќе соработуваат домашни компании и високо образовните институции од државата. Ова е прв ваков инструмент во Северна Македонија, а целта е ангажирање на сите капацитети на државата во креирање на забрзан економски раст.
На јавната презентација на резултатите се обратија министерката за образование и наука, Мила Царовска, директорот на ФИТР Јован Деспотовски, а домаќин беше Машинскиот факултет во Скопје, претставуван од деканот проф. д-р Дарко Данев.
Министерката Царовска истакна дека реалниот сектор ја увидел потребата од инвестиции и примена на академските знаења во развој на бизнисите.
Деспотовски рече дека од денеска започнува со реализација на 34 проекти на кои заедно ќе работат домашните компании и академската заедница во функција на економскиот развој. Тој најави и нов сет мерки за директна поддршка на научно-истражувачката дејност во земјава.
Вкупниот износ на средства во јавниот повик изнесува 15 милиони денари и тие им се доделуваат на факултетите и истражувачките центри. Со иновациските ваучери се покриваат до 80% од вкупните трошоци на научно-истражувачките услуги, во максимален износ од 500.000 денари. Останатиот дел од 20% е учество на компанијата, корисник на услугите од факултетите. Рокот за реализација на средствата од ваучерите ќе изнесува шест месеци.
Средствата ќе се користат за развој на нови и подобрување на постоечки производи, процеси или услуги; техничка спецификација, производство на лабораториски прототипови, изработка на демонстрациони прототипови, различни видови на испитувања, валидација на технологија, советодавни услуги во врска со иновациска дејност, развој и воведување на посебен софтвер за производ или процес, како и за специфични обуки во врска со развојот на технолошки решенија.
Меѓу другото компаниите и универзитетите ќе работат на развој на систем за далечинско сензорирање на рударски комплекси со помош на безпилотни летала, развој на модел на вентилаторски ротор за проток на воздух, валоризација на отпаден пластичен материјал за добивање на рециклирачки профили за вградување во водени пумпи за наводнување.
Според анализата 68% се проекти на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, 26% од Универзитетот Гоце Делчев од Штип и 6% од Универзитетот Свети Климент Охридски од Битола. Компаниите со кои ќе соработуваат се претежно стартап компании 71%, и тоа микро (16) и мали (15) претпријатија, и средни (3). 21 од нив се нови корисници, додека 13 веќе користат средства преку другите инструменти на ФИТР.