Младиот иноватор Адем од Тетово има 12 иновации. Старата „пегличка“ ја пали со плесок на рацете

- Advertisement -

Дури 12 иновации, од кои најголемиот број се за автомобилската индустрија, има младиот тетовец Адем Амети. Со иноваторство се занимава од мали нозе, а последните години, по завршувањето на студиите по мехатроника на Универзитетот во Тетово и во Турција, хобито му станува се посериозна преокупација. Најголемата желба на Адем е да работи на иновации за автомобилите, а своите ги испробува на својот стар Фиат 126п, или кај нас познат како пегличка. Благодарение на тоа, ова возило, како и најмодерните на Тесла, сега може да се стартува со отпечаток на прст, со смартфон, со картичка, со код или со далечинско, па дури и со плескање со рацете. Адем го оспособил и да може да се вози со педали за рака.

Младиот иноватор во моментов работи како асистент на Универзитетот во Тетово и вели дека сака кариера во образовниот систем. Желба му е неговите идеи да ги споделува со младите и да ги мотивира да истражуваат и да иновираат, бидејќи, вели „светот мора да оди напред, а ние имаме потенцијал и капацитет да бидеме рамо до рамо со светските иноватори“.

- Advertisement -

Освен неколку начини за стартување на автомобилот, преку далечинско управување можам да ги запалам и светлата и да ги вклучам бришачите. Покрај тоа развивам и вклучување и исклучување на светлата и вентилацијата во домот со гласовна команда. Постојано имам многу идеи, кои планирам да ги развивам и во иднина, а тоа секако зависи од условите кои ќе ги имам“, вели Адем.

Старата пегличка, посочува тој, била предизвик воопшто да запали, но сепак, сега не само што ја вози, туку може да избере и современ начин на кој ќе ја стартува. Своите изуми во моментов ги прави со евтини делови, но вели, сите се функционални и развиени докрај да можат да се употребуваат. За пошироко производство и за усовршување, вели ќе очекува помош од заинтересирани инвеститори, а дотогаш, сите негови идеи и работа ќе ги споделува на социјалните медиуми, за да допрат до што поширок круг на луѓе.

- Advertisement -

„Сите проекти кои се направени можат да се комерцијализираат. Зборуваме за најновите технологии во оваа ера за кои докажуваме дека можат да се направат и кај нас. Ние имаме и наука и паметни студенти кои можат да работат. Сите изуми се лесни за употреба, а што е најважно се корисни, што за мене како инженер е најважната работа, да создадам нешто корисно и употребливо“, вели Амети.  

Посочува дека актуелната ситуација со пандемијата на Ковид 19 го инспирирала да го искористи своето знаење и да создаде затворена канта за отпадоци со сензор за движење, која самата се отвора кога раката ќе се добилижи до неа. Ова, смета тој, би било многу корисно во училиштата и други јавни институции, каде што луѓето сакаат да избегнат допир со кантите за отпадоци. Една од иновациите на Адем е и помагало за слепите лица кое е опремено со сензор и доколку наиде на препрека или премет пред себе, предупредува со звук или со вибрација.

- Advertisement -

„Размислував како да им помогнам на лицата со проблеми со видот и да им го олеснам движењето на улиците. Знаеме дека во нашите градови некогаш и на тротоарите има многу препреки кои им создаваат проблеми и им го отежнуваат движењето. Затоа овој паметен бел стап има сензор кој предупредува ако наидува на препрека. Но, сметав дека звучното предупредување не е доволно, бидејќи често на улиците е многу бучно, па може лицето кое го користи да не го слушне. Затоа направив помагалото и да вибрира“, вели Адем.

Вели дека не застанува кај овие 12 иновации. Веќе работи на нова, паметен прстен, кој во себе ќе има вградено најнова технологија и ќе служи за отворање на врата или, пак за стартување на возило, со кој ќе се избегнат ситуациите на заборавени или изгубени клучеви, со кои секој од нас некогаш се соочил. Сака да работи и на реобновлива пренослива батерија за струја, со која ќе може да се донесе електрична енергија секаде каде што нема. Иако е свесен дека ова е премногу револуционерен проект кој многу иноватори го започнале, а не го завршиле, тој факт не го обесхрабрува. Убеден е дека токму неговите пресметки се точни и дека тоа ќе може да го докаже и практично.

Сподели!
- Advertisement -