3 C
Skopje
среда, декември 2, 2020

Дрилон Исени: ќе им помогнeме на малите компании кои ќе покажат желба и храброст да се прилагодат во новата реалност

Kabtel desktop

Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) деновиве најави дека ќе поддржи 15 микро и мали компании во рамки на пост Ковид 19 трансформативната програма, финансиски поддржана и од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Детали за оваа програма и за очекуваните ефекти од истата за “Иновативност“ даде извршниот директор на СКСЗМ, г-н Дрилон Исени.

Разговараше – Верица Јорданова

За почеток кaжете ни од каде дојде оваа идеја?

Од почетокот на кризата на пандемијата на КОВИД-19, Комората секогаш настојуваше да им излезе во пресрет на компаниите, со тоа што имавме информативна улога преку која тие имаа сознанија за сите донесени мерки во реално време, но исто така им дававме насоки и сугестии за следните чекори кои треба да се превземаат. Како што поминуваше времето, наидовме на ситуации и решивме да ги модифицираме постоечките активности за да се адаптираме на новата реалност.

Почнувајќи од иновативната природа на СКСЗМ, но и од желбата да се поттикнат компаниите да чекорат напред во насока на трансформација, нашата комора преку Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем успеа да прилагоди новата услуга наречена пост Ковид 19 трансформативна програма.

Имајќи предвид дека нашето членство е составено од компании кои доаѓаат од сите економски сектори и категории, но и професионалниот кадар во извршната канцеларија, скоро сите наши прогнози и проценки за ефектот на Ковид-19 врз економијата беа точни и почнувајќи од оваа перспектива, одлучивме да не му оставаме на времето да одлучи за судбината на компаниите во периодот на пост ковид. Затоа преку оваа програма, ќе се помогнат микро и мали компании кои ќе покажат желба и храброст да се прилагодат во новата реалност која е веќе создадена поради кризата на пандемијата.

Конкретно за каков тип на поддршка станува збор и кои компании ќе може да ја искористат истата? 

Со новата услуга овозможена од страна на СКСЗМ компаниите ќе се поддржат директно, со тоа што ќе ги зачуваат работните места и ќе наидат на нови начини на остварување добивка. Еден од најбитните елементи е и зачувувањето на тековниот пазар, како и проширување на тој пазар на регионално и глобално ниво преку приклучување на ланецот на снабдување на Комората, каде е воспоставена мрежа од над 2.000 компании од разновидни сектори и од секој дел на државата. Поддржаните компании ќе станат членки на Комората во наредните две години и ќе добијат бесплатно членство во првата година. Тие во меѓувреме ќе добијат информации за законската усогласеност, деловни можности и пристап до финансии. Оваа услуга ќе може да се користи од локалните микро и мали компании. Во рамките на истата, компаниите ќе добијат своја сопствена трансформативна програма со изработка на бизнис план, менторство, како и обуки за продажба, преговарање и дигитализација во рамките на Центарот за обуки на СКСЗМ.

Каков е првичниот интерес? 

Постои голем интерес од страна на компаниите за користење на оваа услуга. Со оглед на тоа дека се работи за нова услуга од ваков вид, на почеток ќе поддржиме 15 микро и мали компании, но не ја исклучуваме можноста да се надмине и оваа бројка. Со воведувањето на оваа услуга Комората докажува дека е иновативна и флексибилна, адаптирајќи се кон новите услови на секојдневното работење. Со оглед на ситуацијата која е неизвесна, оваа нова услуга ги мотивира бизнисите да се прилагодат и да остваруваат добивка со продолжување на нивните активности како и на зголемување на конкурентноста, преку воведување на нови, иновативни и дигитализирани услуги.

Според Вашите анализи, како и колку компаниите се погодени од актуелната Ковид криза? Кои сектори и кои дејности се најзагрозени? 

Сите сектори без исклучок се погодени, кои помалку а кои повеќе, но тоа што треба да не загрижува е фактот што бизнисот а со тоа и макроекономската стабилност на земјата е доведено пред знак прашалник. Свесни сме дека тоа се случува сегде во светот особено во регионот, но треба да се постави прашањето дали ќе успееме да се извлечеме од кризата во пост-ковид периодот, и како да ги минимизираме последиците. Очекувањата се дека по поминувањето на здравствената криза на Ковид 19, сите економии ќе се стремаат да станаат што поконкурентни oд аспект на регионална економска активност. Имајќи го ова предвид, ќе треба да бидеме спремни да го прифатиме тој предизвик преку проактивен пристап во борбата против економската криза. Според секторската структура на БДП, најголемите сектори се Трговија, транспорт и хотелиерство заедно со преработувачката индустрија кои учествуваат во БДП-то со 22% односно 12%, и токму тие сектори се најпогодени од Ковид 19. Треба рационално, но и базирано во економетрични анализи, да се помогнат секторите пропорционално на нивниот придонес во целокупната економија во однос на претрпените штети.

Кои се вашите препораки до надлежните иснтитуции во поглед на помош и поддршка за компаниите погодени од кризата? 

Треба да се има предвид дека без стабилна економија, ниеден од општествените столбови вклучувајќи го и здравството не може да преживее, а најмалку да се бори против пандемијата која веќе неколку месеци ги тоне нашите економија, образование и здравство. Ако анализираме ретроспективно, после секоја глобална криза, развиените држави беа подложени на големи промени како што беше случајот со економската криза од 2008 кога тие се обидоа што повеќе да бидаат дел од процесот на хиперглобализација, со цел да придобијат што повеќе од светскиот пазар. Во периодот на Ковид 19, економиите ширум светот се дигитализираат максимално, но и воведуваат нови технологии, сметаме дека ние како држава не сме во состојба да бидеме конкурентни во тој аспект, затоа треба да се работи во насока на подобрување на социјалните, политичките, правните и економските аспекти, и на тој начин да се зачлениме во ЕУ. Така ќе обезбедиме слободен пристап во туѓи пазари, и само така ќе станеме флексибилни и ќе се вклучиме во редот на развиени економии, каде би граделе подобра социо-економска благосостојба на нашите граѓани, а со тоа и економски развој и раст.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •