Македонскиот стартап FOEVR за едукација со виртуелна реалност номиниран за World Innovation Forum во Швајцарија

- Advertisement -

Македонија има неколку номинирани стартапи за World Innovation Forum кој ќе се одржи во јуни во Швајцарија, а еден од нив е и FOEVR – Fundamental Online Education in VR или фундаментално онлајн образование во виртуелна реалност. Разговараме со Мирослав Константиновиќ, ко-основач на FOEVR кој раскажува повеќе за оваа едукативна платформа која се уште е во развој!

(Разговараше- Бисера Срцева)

- Advertisement -

– Г. Константиновиќ, може ли да ни објасните што точно претставува платформата која вие ја развивате?

Се работи за стартап кој развива платформа за едукација на децата со виртуелна реалност, за математика и природни науки. Платформата се вика FOEVR и е кратенка од фундаментално онлајн образование во виртуелна реалност. Сметам дека ваквите нови технологии како виртуелната реалност треба да се поттикнуваат и да почнат да се користат во сегменти во кои навистина би имале голем ефект, како што е образованието.

- Advertisement -

Историјата на едукација покажува дека сѐ она што е направено како резултат на технолошки напредок, треба да се примени и во образованието, односно потребна е системска адаптација на образованието за да може тој напредок да се примени и во пренесување на знаење и оспособување на детето да научи да го примени тоа знаење.

Остварив соработка со човек од Индија кој претходно има искуство со работа во Oracle и тој треба да се посвети на сегментот за продажба и маркетинг. Тој ме контактираше и заеднички решивме да го стартувавме FOEVR.

- Advertisement -

– Зошто решивте со платформата да се фокусирате на математиката и природните науки?

За почеток, платформата ќе помага за усвојување на попредизвикувачките предмети како математика и природни науки. По вокација сум професор по математика и физика, и знам од прва рака за потешкотиите кои учениците ги имаат со овие предмети.

Идејата е да се смени генералниот приод кон едукација особено за предмети кои се апстрактни како математика и природни науки. Човечкиот мозок најдобро прима знаење кога одредена информација ќе се демонстрира. Се обидуваме љубопитноста која ја имаaт децата да ја одржиме жива, да продолжат да истражуваат и да се анимираат преку технологијата и во понатамошните нивоа на образовниот систем.

Виртуелната реалност како технологија го овозможува токму тоа. Иако е комплицирана технологија и е потребно време за да се развие системот, тоа ќе се направи еднаш, а понатаму тој систем ќе се мултиплицира и ќе се користи долго време. Ваквиот систем ќе им овозможи на децата кои на пример имаат проблеми со апсолвирање на наставниот материјал по билогија, детално да ги согледаат процесите, да видат што се случува на микроскопско ниво, а кога ќе им се демонстрира побргу ќе го совладаат. Кога децата нема да ја разберат суштината на материјалот тогаш ќе го остават на страна тој материјал, мислејќи дека не можат да го совладаат. Овој систем треба да го промени сето тоа, да ги заинтересира учениците уште на почетокот. Ако ученикот не е заинтересиран за одредена материја, можеби ќе ја научи колку за оценка, но нема да ја научи за знаење.

– Како точно ќе функционира платформата со виртуелна реалност?

За почеток треба да го развиеме прототипот врз чии темели понатаму ќе го изградиме целиот систем кој ќе биде сместен во облак до кој учениците и наставниците ќе имаат пристап. Ќе користиме т.н. low end виртуелна реалност која се користи на мобилен телефон бидејќи би било многу поевтино и попрактично за да се вметне во наставата, а доволно е за да им се демонстрираат процесите на учениците. Сакаме алаткава да му помогне на наставникот полесно да им го пренесе знаењето на учениците и тој да почне да ја користи како средство во наставата.

– Како се случи номинацијата за World Innovation Forum во Швајцарија и дали учествувавте во некоја програмата за развој на стартапи?

Бев во предакцелераторска програма на Seavus, а сега сум вклучен и во една програма за социјални иноваци односно за социјално претприемништво. Токму преку оваа програма почнав да работам под менторство на Трејси Спаркс. Таа е стратег за иновации и дизајн, а во Македонија е амбасадор токму на World Innovation Forum. Преку соработката со неа, дојде до номинацијата за World Innovation Forum во Швајцарија, глобална онлајн конференција на иновативни умови на тема Going Global.

Форумот се одржува од 12 до 14 јуни 2018 година, а претставувањето на форумот ќе биде онлајн. Идејата е презентацијата да дојде до инвеститори, бизнис ангели, владини претставници и други учесници на форумот кој е поддржат скоро од сите европски земји, па и пошироко.

– Како го замислувате развојот на FOEVR во иднина?

Веќе ангажиравме графички дизајнер со кој работиме на развивање на прототипот за претставувањето пред потенцијални инвеститори. Веќе сме во преговори и со некои млади таленти кои работат 3Д анимации и очекуваме оваа соработка да започне после одржувањето на инвестицискиот форум во јуни.

Успеавме да аплицираме и за грант преку програмата Еразмус + за проект во кој ќе бидат вклучени училишта кои ќе учествуваат во пилотирање на платформата за едукација со виртуелна реалност. Моментално ги очекуваме резултатите, па доколку заживее овој проект, тоа значи дека во период од две години ќе ја развиваме платформата паралелно со пилотирање во училишта во источна Европа.

Имаме замислено за во иднина, освен математика и природни науки, да внесеме и изучување на инженерските науки или информатичките со што пред да се впуштат во експериментирање, на учениците прво да им биде визуелно претставено како се случуваат тие процеси.

Целта ми е да се обединиме околу вакви иновативни идеи и да ги поддржуваме секаде каде што се претставуваат, бидејќи тие ја претставуваат и нашата земја и нашата млада стартап заедница, која што изминативе години постојано расте.

Сподели!
- Advertisement -