3 C
Skopje
среда, декември 2, 2020

Интервју со Иво Пауновски од А1 за улогата на автоматизацијата и вештачката интелигенција во бизнисот

Kabtel desktop

Интервју со Иво Пауновски, раководител на одделот ИКТ и партнерства во А1 Македонија. Автоматизацијата, а со тоа и вештачката интелегенција се веќе присутни и ќе се развиваат со оглед на решенијата што ги нудат за тековните предизвици со кои се соочуваат компаниите

Што претставува автоматизација и во кои индустирии или области истата е застапена?

Автоматизацијата е широк поим што може да опфати многу области на делување и тој подразбира процес каде што човечкиот инпут односно активност е минимизиран. Автоматизацијата  може да вклучува автоматизација на деловни процеси, ИТ автоматизација, маркетинг автоматизација или индустриска автоматизација. Доколку сакаме да се фокусираме на пошироката слика, во рамките на автоматизација можеме да ги класифицираме и апликациите за лична употреба како што се апликации за паметен дом или паметна куќа.

Под автоматизација на деловни процеси можеме да вклучиме на пример автоматизација на дел од некоја работна процедура или работна инструкција. Кога зборуваме за ИТ автоматизација генерално зборуваме за Cloud автоматизација, оркестрација на сервиси, DevOps автоматизација, автоматизирано провизионирање или конфигурациски манаџмент. Маркетинг автоматизацијата пак преставува збир на алатки и процеси кои ни овозможуваат да извршуваме и автоматизираме различни маркетинг активности кои треба да ни овозможат да ја персонализираме комуникацијата со корисниците на индивидуално ниво односно треба да ни овозможи 1-на-1 маркетинг комуникација. Индустриската автоматизација носи низа на свои специфики во различни вертикални индустрии. Денеска ширум светот постојат низа на примери на автоматизација во малопродажба особено во делот на автоматизација на процеси во синџирот на вредности, автоматизацијата во банкарскиот и финасиски сектор генерално заради редукција на мануелни процеси како внесување на податоци и одобрување на кредити па се до примери за автоматизација во здравството.

Очигледно е дека автоматизацијата овозможува зголемување на ефикасност, но дали таа значи намалување на број на работни места?

Голем дел од компаниите ја разбираат неминовноста од процесот на дигитална трансформација која би требало да им помогне да останат конкурентни на променливиот и динамичен пазар. Во согласност со некои истражувања се очекува овој пазар треба да апсорбира инвестиции во висина од речиси 2 трилиони долари во 2022 година, со просечна годишна стапка на раст од повеќе од 15%.
Кога станува збор за автоматизација, заеднички содржател на мотивите врз база на кои се засноваат инвестициите поврзани со автоматизацијата орбитираат околу темите поврзани со зголемување на трудот и ефикасноста, а не негова замена. Зголемувањето на точност на податоците и зголемување на продуктивноста на вработените се првите две драјвери за имплементација на софтвер за автоматизација.

Другите мотиви поврзани со автоматизацијата се поврзани со намалување на трошоци и намалување на оперативниот ризик. Намалувањете на бројот на вработени со полно работно време се наоѓа најниско на списокот на мотивирачки фактори за воведување на процесот на автоматизација. Оттука, автоматизацијата освен можност за дигитална трансформација на компаниите веројатно би требало да влијае на зголемување на степенот на задоволство на вработените со оглед дека тие веќе нема да бидат оптоварени со навремено завршување на репетитивни задачи, туку ќе имаат повеќе слободно време за други продуктивни работи.

Денеска во доста бизнис кругови се зборува за Автоматизација и Вештачка интелегенција. Дали овие два поими преставуваат синоним?

O: Во рамките на секојдневната бизнис комуникација поимот вештачката интелигенција честопати се меша со терминот автоматизација.  Не ретко овие поими се користат наизменично асоцирајќи на една иста работа иако постои суштинска разлика помеѓу нив. Како што претходно кажавме, автоматизацијата претставува широк поим со чија помош се овозможува дигитална трансформација на деловните практики, производи и организации. Вештачката интелегенција од друга страна претставува технологија или само една од технологиите врз база на која може да се базира автоматизацијата.

Напоменавме дека вештачката интелегенција е само една од технологиите врз база на која се базира автоматизацијата. За кои други технологии станува збор и дали постои некој редослед по кои тие треба да се воведуваат?

Автоматизацијата се базира на имплементација на 4 клучни технологии како што се Автоматизација на роботски процеси, Когнитивна автоматизација, Вештачка интелигенција и интеграција. Сите овие технологии треба да “лежат” на Cloud ифраструктура која во основа е базирана на серверска инфраструктура, виртуелизација и оркестрација. На најниско ниво се наоѓаат податоците кои генерички можеме да ги поделиме на структуирани и неструктуирни податоци. Структурираните податоци се често квантитативни податоци и истите можат да се запишат во фиксни полиња во рамки на релациона база на податоци. Неструктурираните податоци се категоризираат како квалитативни податоци и тука влегуваат слободен текст, слики активност на социјалните мрежи и сл. Неструктурираните податоци се од особена важност за било која компанија со оглед дека тие денес сочинуваат неверојатни 80% или повеќе проценти од сите податоци кои компанијата ги поседува, а овој процент продолжува да расте.

Автоматизацијата на роботски процеси преставува најбазична технологија врз чија основа компаниите треба да го започнат процес на автоматизација. Било која задача заснована на низа на редоследни правила која не бара аналитички вештини или когнитивно размислување може да биде базирана на автоматизацијата на роботски процеси. Типични примери за автоматизацијата на роботски процеси е  процесот на оnboarding  на нови вработени или партнери, одобрување на налози за патување или годишни одмори, одобрување документи, автоматски одговор на инциденти итн. Ова значи дека со нејзина имплементација, вработените треба да имаат повеќе време да се фокусираат на други активности кои ќе нудат поголема вредност за компанијата, како што е на пример подобрувањето на односите со клиентите или генерирање на идеи за натамошно унапредување на работните процеси.

Отприлика 40% од задачите со кои се соочуваат вработените во компаниите вклучуваат големи количини на податоци и бараат човечки когнитивни способности. Под когнитивни способности тука подразбираме потреба од постојано учење, донесување одлуки во рамки на одреден контекст на случувања и разбирање и толкувања на сложени меѓусебно поврзани односи. Автоматизацијата на овие процеси се базира на Когнитивната автоматизација и Вештачка интелегенција. Когнитивната автоматизација треба да овозможи решавање на сложени проблеми од страна на комјутерските системи на сличен начин на тоа како луѓето ги решаваат проблемите. Вештачката интелегенција треба да оди чекор понатаму во споредба со когнитивната автоматизација, односно да се користи за решавање на комплексни проблеми кои тешко би можеле да се решат од страна на човекот. Имајќи во предвид дека Когнитивната автоматизација користи специфични техники за вештачка интелигенција, денеска конгитивната автоматизација и вештачката интелегенција иако различни во својата основа се користат како синоними, односно терминот кој ќе се користи зависи генерално од преференците на одделот за маркетинг во компанијата.

Технолoгиите врз кои се базира когнитивната автоматизација се Data mining и машинското учење. Data mining е технологија која овозможува наоѓање на обрасци во рамки на голема постоечка база на структуирани и неструктуирани податоци.  Data mining може да помогне во генерирање на информации што се базираат на асоцијации, класификациии, групирања и предвидувања.   Машинското учење пак е технологија на која се базираат компјутерските програми кои можат да ги подобрат своите перформанси без експлицитно програмирање, односно да учат и да носат одлуки врз база на однапред внесени решени примери кои се користат како обрасци.  Овие технологии денес се користат за да се предвиди кои корисници можат да прекинат со користење на услугите на компанијата или пак да се овозможат низа на кориснички сценарија базирани на маркетинг автоматизацијата како што се Chatbots, автоматска сегментација на потенцијални клиенти, персонализација на маркетинг кампањите по е-пошта или пак нудење на предлог филм врз база на претходни избори на филм на корисникот итн.

Како последна технологија врз база на која се базира автоматизацијата е интеграција. Под интеграција се подразбира API (Application Programming Interface) поврзување на различни системи во компанијата како што е на пример ERP, CRM и софтвер за маркетинг автоматизација. Ваквата интеграција овозможува низа на бенефити особено од аспект на унапредување на квалитетот на продажниот процес и подобра оптимизација на кампањи кои можат да доведат до поголем степен на конверзија на потенцијалните корисници.

Кои се главните драјвери за воведување на когнитивна автоматизација и вештачка интелегенција во маркетингот?

Постојат повеќе причини кои се поврзани со мотивацијата за воведување на когнитивна автоматизација и вештачка интелегенција во маркетингот. Во прв ред тоа е потребата за обработка на големата количина на податоци кои компаниите ги собираат за своите корисници, а втората е поврзана со лесната достапност на напредни комјутерски ресури и ефтини складишта на податоци. Денеска маркетинг одделите во многу компании освен со традиционалните структуирани податоци кои доаѓаат од компаниските CRM системи, доаѓаат во допир со огромна количина на податоци кои  потекнуваат од различни точки на интеракција на компанијата со своите корисници како е-пошта, активност на социјални мрежи, купување преку Интернет, директна вербална интеракција со сектор за кориснички услуги, интеракција со продажни агенти или вработени во салони. Чувањето на оваа голема количина на податоци во Data Lakes денеска е возможна поради ниската цена на складиштата на податоци, додека обработката на овие податоци се базира на високо софистицирана и лесно достапни моќни Cloud инфраструктури. Процесирачката моќ на Cloud computing и користењето на  Deep learning како подсегмент на машинското учење овозможува тестирање на разни хипотези за однесувањето на клиентот (кој клиент е поверојатно да ја прифати понудата, кој клиент е “early adopter” односно сака да тестира нови сервиси итн.). Ваквите анализи овозможуваат маркетинг одделите да се стекнат со нови знаења за своите корисници кои треба да им помогнат да спроведат соодветна песонализирана 1-на-1 комуникација со своите корисници која би овозможила поголемо задоволство на корисниците и консектвентно стабилни или зголемени приходи за компанијата.

Каква е застапеноста на овие технологии во македонските компании?

Согласно некои истражувања, преку 80% од компаниите во Америка имаат имплементирано автоматизација на роботски процеси, додека когнивната автоматизација и вештачката интелегенција е застапена во повеќе од 60% од компаниите. Овие бројки во Македонија се сигурно пониски, но во рамките на секојдневата комуникација со низа на компании особено со оние од повисокиот сегмент можам да кажам дека голем дел од нив не само што ја препознаваат потребата од автоматизација туку и активно ја имплементираат. Автоматизација е широко застапена во А1 групацијата и во А1 Македонија како во рамките на ИТ секторот така и во рамките на Маркетинг одделот каде се применуваат низа на кориснички сценарија поврзани со маркетинг автоматизација како во секторот за резиденцијални корисници така и во секторот за бизнис корисници. Автоматизацијата, а со тоа и  вештачката интелегенција се присутни и тие се тука за да останат со оглед дека нудат решенија на тековните предизвици со кои се соочуваат компаниите.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •