Пчеларот Благојче Најдовски произведува супер протеинска храна од леблебија и трутовски ларви

- Advertisement -

Комбинација на леблебија и трутовски ларви е иновативната, протеинска и функционална супер храна која ја произведува македонскиот пчелар Благојче Најдовски. Трагајќи по спас за пчелите кои умираат заради влијанијата од климатските промени, Најдовски доаѓа до уникатен рецепт за нов продукт за исхрана на човекот, за кој верува дека е храната на иднината.

Apico-Pro е комбинација од растителни протеини од локално произведена леблебија и високо нутритивен прав од трутовски ларви, што се произведува со процес на лиофилизација или сушење на ларвите во вакум со замрзнување на ултра ниски температури. Неговата идеја беше и еден од победниците на овогодинешниот натпревар „Зелени идеи“ на „АРНО“.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Благојче, кажете ни како почна приказната на „Апико-про“?

- Advertisement -

Повеќе од 20 години работам во организација поврзана со земјоделство, преку која ги едуцираме производителите како да заработат од своето производство. Истовремено сум трета генерација пчелар во семејството и самиот се обидувам да направам производи со високо додадена вредност за мене и за моето семејство и за продажба и со тоа да обезбедам дополнителен извор на приход. Имам големо искуство и широко образование, зборувам четири јазици и имам немирен дух што постојано ме тера да иновирам. Се интересирам за напредокот на  иновациите од развиените цивилизации. Зборувам руски јазик и ги користам сите информации кои ги објавуваат руските иноватори поврзани со пчеларството што ми овозможи да иновирам и работам на мојата палета на производи со високо додадена вредност.

Од друга страна, Македонија има долга традиција на спојување на храната и лековите, имаме безброј рецепти на лекарства направени од билки кои виреат кај нас. Во последно време нив луѓето многу ги бараат, а особено после пандемијата на Ковид. Меѓу нив се и пчелните продукти кои се и храна и лек.

- Advertisement -

Какви точно производи се дел од палетата на Апико- про?

Искуството во производство на медот и додавањето на различни плодови во мед го проширив со производите добиени со лиофилизација на шумски и други плодови. Се работи за процес на сушење на храната на минус 40 степени Целзиусови во вакуум, начин со кој се елиминира влагата до 97 отсто и се обезбедува долготрајност на храната дури и до неколку години. Во палетата на Апико–про има лиофилизирани боровинки со мед, тартуф со мед и лимон со мед, а додадовме и еден нов продукт, а тоа се лиофилизирани трутовски ларви со леблебија.

Оваа комбинација е резултат на трендот присутен во последните години во светот за замена на животинските со алтернативни протеини. Ларвите се исклучително здрава протеинска храна и за разлика од матичниот млеч, кој како пчелин продукт може да се добие само во ограничени количини, ларвите во пчеларството ги има во поголеми количини, тие се нуспроивод што не влијае на производството на мед, а може да се искористи. Леблебијата од друга страна е дел од македонската традиција и тука се произведувала со векови.

Каква технологија користите за нивната преработка? Што е тоа што е иновативно во вашиот начин на производство?

Лифилизаторот го направив со мојот тим, консултурајќи странска литература. Причината за оваа иновација беше потребата да направам храна за моите пчели, кои како последица од климатските промени, сушите и недостатокот на полен, почнаа да угинуваат. Заедно со бугарскиот професор за пчеларство, Пламен Христов работевме на иновација и направивме замена на полен на база на леблебија. Оваа протеинска храна се покажа како успешен обид со кој ги спасивме пчелите и дојдовме до заклучок дека со истата технологија на лиофилизација може да правиме и високо квалитетна храна за луѓе. Технологијата е иста како и таа со која се подготвува храната за астронаутите. Тоа е дехидрирана храна која ги задржува сите хранливи својства, истиот вкус и арома. Процесот е познат и применлив во светот,  и создава исклучително здрава храна, но е истовремено и скап, бидејќи троши доста енергија во производството.

Каде може да се најде вашата супер храна? Кој се може да ја користи?

Со оглед на тоа дека јас сум регистриран пчелар, моите производи можам да ги продавам од куќен праг или на манифестации кои имаат промотивен карактер и каде се купува директно од производителот.  Што се однесува до купувачите, оваа храна може да ја користи секој од најмлади до највозрасни. Во македонската традиција леблебијата се користела од секогаш. Тоа е мешунка што има висок процент на протеини, нема маснотии и холестерол кои создаваат проблеми на крвните садови, а истовремено е многу лесно сварлива. Додавањето на трутови ларви ја зголемува нутритивната вредност на леблебијата и таа делува на имунолошкиот систем. Тоа значи дека бенефит од консумирањето може да има секој.

Ти си еден од победниците од овогодинешниот натпревар „Зелени идеи“ на „АРНО“. Каква мотивација е ова за тебе?

Победата на националниот натпревар ми отвора пат да се натпреварувам и на регионалниот и мојата идеја да ја презентирам на поширока публика. Мината година ја презентирав и на Европскиот институт за иновации и од 650 идеи го освоив седмото место. Промоцијата е неопходна за да се запознаат потрошувачите со мојата иновација, за која сум убеден дека е храна на иднината, особено со прогнозите дека побарувачката на храна ќе се зголеми за 100 проценти до 2050 година со растот на популацијата. Во услови во кои ресурсите се повеќе се трошат мора да се фокусираме на производство на  поквалитетна храна со што помало влијание врз околината и климатските промени.

Како ќе продолжиш со развивање на идејата? Кои се твоите цели, да речеме, за пет години?

Иновативната комбинација на трутови ларви и леблебија е во тек на патентирање, во рамките на кое ќе се извршат и неопходните лабораториски анализи на храната. Процесот на патентирање и анализите се прават во земјава, бидејќи првично, целта ни е овие продукти да се понудат на домашниот пазар. Планирам производството да остане ограничено, за да се задржи врвниот квалитет. Секако, понатаму ќе го освојуваме и светскиот пазар.

Сподели!
- Advertisement -