Следната недела, од 24 до 26 ноември ќе се одржи четвртото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватните финансиски компании. Конкретно, организатори и учесници се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување, а со свои активности се очекува да се вклучи и приватниот финансиски сектор.
Заради условите што ги наметнува пандемијата на ковид-19, оваа година, Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања преку видеоконференциска врска, што ќе овозможи и вклученост на поголем број заинтересирани граѓани. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи ќе ги информираат граѓаните за активностите и е-настаните што се планираат, при што ќе известат како секој заинтересиран граѓанин ќе може да го пријави своето учество.
Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.
Во текот на годинава, прилагодено на условите на „новата нормала“, финансиските регулаторни институции спроведоа голем дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиска инклузија. За следниот период се очекува ваквите активности и дополнително да засилат, имајќи предвид дека во завршна фаза е подготовката на првата Национална стратегија за финансиска едукација, финансиска инклузија и заштита на потрошувачите.
(Denar.mk)