Според првата академска студија на темата, луѓето одлучуваат да немаат деца поради климатската криза, бидејќи се плашат дека тие ќе треба да се справуваат со климатска апокалипса, пренесува Радио МОФ.
Истражувачи испитале 600 учесници на возраст од 27 до 45 години, лица кои веќе ги имале земено предвид грижите за климатската криза при изборот за одгледување на деца. Резултатите од студијата покажале дека 96 отсто од испитаниците биле исклучително загрижени за добросостојбата и потенцијалот на идните генерации, како и за светот кој се справува со климатска итност.
„Се чувствувам дека не можам при свест да донесам дете на овој свет и да го присилам да се обиде да преживува во свет кој ќе има можни апокалиптични услови“, изјавила една од испитаничките која имала 27 години.
Научниците сметаат дека овие гледишта се базирани на многу песимистички позиции за влијанието на глобалното затоплување врз светот. Еден од испитаниците, на пример, изјавил дека „климатските услови ќе и парираат на Првата светска војна според штетите“. Истражувањето покажува дека дел од испитаниците кои се родители искажале покајување што имаат деца.
Носењето на дете на овој свет потенцијално значи дека кога тоа ќе порасне, таа личност ќе произведува животно долги емисии на јаглерод диоксид кои ќе допринесат за климатската итност, но само 60 отсто од испитаниците биле загрижени за ова.
„Стравовите поради испуштањето на емисии јаглерод диоксид беа доста апстрактни и суви. Но, стравовите за животите на веќе родените деца беа длабоки и емоционални. Беше навистина тешко да се прочитаат одговорите – многу луѓе ги испишаа најприватните стравови“, изјавил Метју Шнајдер-Мејерсон, дел од „Јејл-НУС“ Колеџот во Сингапур, кој ја предводи студијата.
Шнајдер-Мејерсон нагласил дека бројот на луѓе кој ги вбројуваат климатските промени во своите репродуктивни планови најверојатно ќе расте, бидејќи влијанието од климатското затоплување станува се’ поочигледно.
Истражувањето кое е објавено во научното списание „Климатски промени“, не пронашло значајна статистичка разлика помеѓу одлуките на мажите и жените, иако три четвртини од испитаниците биле жени.
„Климатската промена е единствениот фактор според кој јас одлучив дека нема да имам биолошко дете. Не сакам да донесам живот на свет кој умира, иако многу сакам да бидам мајка“, напишала 31 годишна жена која била дел од испитаниците.
Истражувачите велат дека 6 отсто од испитаниците се довериле дека чувствуваат грижа поради тоа што имаат деца.
„Се каам што имам деца бидејќи премногу сум исплашена дека тие ќе се соочуваат со крајот на светот поради климатските промени“, напишала 40 годишна испитаничка.
„Бев изненаден – ова е многу тешко признавање од страна на родител“, изјавил Шнајдер-Мејерсон
Оваа студија е првиот групен рецензиран академски труд на темата и анализира голема група на загрижени лица. Истражувањето било анонимно, па луѓето можеле слободно да се искажат.
„Ова истражување е на некој начин претставка за тоа како некои луѓе размислуваат и се чувствуваат во врска со најважната одлука во своите животи“, рекол Мејерсон.
Едно од останатите откритија е тоа што помладите лица биле позагрижени за климатското влијание кое ќе го доживеат нивните деца за разлика од постарите испитаници, а според одговорите посвојувањето била потенцијална алтернатива на раѓањето деца.
Студијата индицирала дека климатските стравови за идните животи на децата биле вкоренети во многу песимистички погледи за иднината. На еден дел од испитаниците, односно 400 лица, им било понудено дополнително прашање за нивната визија за иднината, а само 0,6 отсто од одговорите биле позитивни. 92.3 отсто од одговорите биле негативни, а 5.6 отсто биле неутрални.
Еден 42 годишен татко напишал дека светот во 2050 година го замислува како „пекол со војни поради ограничени ресурси, цивилизации во колапс, уништено земјоделство, раст на мориња, стопени санти мраз, глад, суши, поплави, лизгања на земјиште и комплетно уништување“.
Мејерсон дополнил дека сите споделени гледишта биле во опсегот на веројатноста, па дури и реалната иднина.
Сепак, тој дополнил дека потребно е поголемо истражување кое ќе опфати различни групи на луѓе, како и лица од сите страни во светот.
Самоизбраната група на испитаници во првото истражување биле граѓани на САД, во најголем број биле бели лица, високообразовани и со либерални размислувања.
Извор: Guardian