Пакомак слави 10 години- посветени на селективно одложување на амбалажен отпад и подигање на еколошката свест

- Advertisement -

Една деценија по основањето, Пакомак се потсетува на своите успеси, достигнувања и акции кои ги спроведе под мотивот за обезбедување на почиста и поздрава околина. Тогаш единствениот, а сега најголем постапувач за управување со отпад од пакување, Пакомак ги увери домашните компании и основачи дека таквиот пристап на работа навистина функционира, а во последните неколку години успеа и да ја крене свеста кај граѓаните за селективно одложување и рециклирање на ѓубрето.

Успешната приказна започнува на 11.11.2010, кога Пакомак беше основан од страна на 11 домашни компании за да ги организира и надгледува тековите на селективно одложување на амбалажен отпад. Оттогаш, Пакомак придонесе кон развој на инфраструктурата и на рециклажнаата култура, со постојаната едукација ги инфомираше граѓаните за важноста на одложувањето на отпад и го намали нивото на амбалажен отпад кое се остава на локалните депонии, притоа предизвикувајќи голема штета и загуба на ресурси. По повод 10-от роденден, со своја изјава се обрати и генералниот директор на Пакомак, Филип Ивановски:

- Advertisement -

„Кога на 11.11.2010 година Пакомак Доо официјално беше основан од 11 македонски компании, отпочнавме едно неизвесно патување за кое немавме целосна претстава како ќе се одвива, по кои патишта ќе треба да се движиме, какви пречки ќе имаме и дали ќе ни погодуваат времињата што доаѓаат. Кога патувате по неразгазени патеки и создавате патишта по кои полесно ќе се движат оние кои доаѓаат по вас, се очекува брзината да не ви биде секогаш приоритет, туку да се движите внимателно и да поставувате знаци кои ќе ги насочуваат оние по вас да умеат да чекорат побрзо и посигурно кон целта. И тоа го правиме веќе 10 години…  како прв колективен постапувач за управување со отпад од пакување го трасиравме патот за сите сегашни колективни постапувачи за управување со отпад од пакување, но и за компаниите за управување со електричен и електронски отпад и за управување со батерии и акумулатори. Следниве години тој пат ќе го изодат и компании за управување со отпадни масла, отпаден текстил и отпадни автомобилски гуми. На почеток чекоревме со бавни, внимателни и броени чекори, кон средината на патот веќе посигурно и поенергично, за да последниве години Пакомак стане лидер во наоѓање ефикасни начини за собирање и рециклирање на отпадот од пакување, но и пример за компаниите кои управуваат со останатите посебни текови на отпад.

Во 2020 година ќе собереме и рециклираме за повеќе од 4 пати поголема количина отпад од пакување во однос на 2011 година кога почнавме. Посебно сме горди што во Македонија изминативе години собираме над 3.500 тони  стаклена амбалажа секоја година, која ја рециклираме во соседните земји и не завршува на депониите низ земјава. Тоа е над 20% од вкупниот стаклен амбалажен отпад кој се создава во земјава секоја година, а го собира Пакомак преку посебно изграден систем низ целата земја, нешто што не постоеше речиси три децении. Низ разните наши активности за еколошка едукација низ училиштата и градинките поминаа стотици илјади деца, учествувавме на стотици настани за подигање на еколошката свест кај граѓаните, поддржавме стотици проекти на невладини организации и здруженија кои во своите цели ја имаат чистата животна средина, креиравме десетици кампањи за зголемување на свесноста кај граѓаните дека со отпадот треба да се однесуваме одговорно… Горди сме со нашата земја и се обидуваме да ја направиме убаво и здраво место за живеење, за да ги задржиме младите тука, бидејќи веруваме во нашите граѓани и веруваме дека Македонија може!

- Advertisement -

Ова го правиме и ќе продолжиме да го правиме најдобро што можеме и во следните години благодарение на Вас драги наши членки и партнери! Со над 870 компании кои ни дале доверба да се грижиме за управувањето со нивниот отпад од пакување, ние сме најголем колективен постапувач во земјава кој управува со над 42% од целокупниот отпад од пакување кој секоја година се создава! Имаме и најголема мрежа од над 50 партнерски компании, јавни и приватни, кои собираат отпад од пакување низ целата земја! Ви благодариме што ја имаме Вашата доверба изминативе десет години и се надеваме дека така ќе остане и во следниве десет!

Пандемијата сите не погодува. Но, веруваме дека тоа ќе мине во годинава што доаѓа. Она што ќе остане се вредностите, кои во тешки времиња треба напор да се одржат! Грижата за животната средина е една од нашите вредности кои ги одржавме и оваа кризна година! Ве уверуваме дека оваа вредност ќе продолжиме да ја шириме и во следниве години и ќе се обидеме да стане дел од нашата национална култура на однесување.

- Advertisement -

Среќна Нова 2021 Година и среќни празници!“, вели во своето обраќање Филип Ивановски, генерален директор на Пакомак.

Како во секоја претходна, така и оваа година целта на Пакомак е да ги постигне или надмине годишните цели за управување со амбалажен отпад. Тоа успеаа да го направат во секоја од последните 10 години, а целта на компанијата е да успее да го направи тоа и во наредните 10, па и многу повеќе години. Со својот активен придонес кон подобрување на инфраструктурата и подигање на свеста за одложување и рециклирање на отпадот кај луѓето, Пакомак се наметнува како главен мотиватор и еден од најголемите фактори кон создавањето на здрава и одржлива животна средина. Во годините кои доаѓаат, обемот на работа на Пакомак веројатно ќе се зголеми, но ако тоа значи и зголемување на интересот за селектирање на отпад – тогаш мисијата може да биде прогласена за успешна!

Сподели!
- Advertisement -