Граѓаните да внимаваат на кој ги даваат личните податоци при купување на интернет. Информациите може да бидат злоупотребени, а може да дојде и до кражба на идентитетот предупредуваат од ОПМ. Поради Ковид кризата социјалните мрежи се преплавени со квази продавачи кои продаваат без да регистрираат фирма и без да издадат фискална и фактура. Само во Скопје има пријави од над 130 измамени граѓани при фејсбук продажби во последниов период.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија посочуваат дека 60 проценти од анкетираните потрошувачи се соочиле со некаков проблем при онлајн купувањето, а само 39 проценти се изјасниле дека немаат никаков проблем со ваквиот начин на купување.
Најчестите проблеми, како што истакнуваат од ОПМ, не се јавуваат при купувањето од регистрирани онлајн продавници, туку од трговци поединци кои продаваат на социјалните мрежи.
– Тоа се луѓе кои прават профил на социјалните мрежи и притоа продаваат производи, без да регистрираат фирма. Така, купувачите заведени од заведувачкото рекламирање се решават да купат производ без притоа да им се издаде фискална сметка, фактура или пак да платат преку трансакција. Најчесто производот го плаќаат кога ќе пристигне кај нив, истакна Мартина Грчаровска, правен застапник во ОПМ на денешната трибина „Заштита на правата поврзани со личните податоци на потрошувачите”.
Од Oрганизацијата апелираат граѓаните да се јават кај нив доколку им се нарушени потрошувачките права, а тие ќе ги упатат до надлежните институции.
Годинава зголемен е и бројот на поплаки кај брзите кредити, а чести се и случаите во кои граѓани не дале согласност за одложено плаќање на кредитите, а сепак плаќањето им било одложено.