Шест жени учествуваа во студија спроведена во Италија која покажа дека во дел од плацентите има присуство на микропластика. Тие немале компликации при раѓањето на нивните деца, а ефектот на малите пластични честички е непознат. Сепак, експертите сугерираат дека пластиката може да ослободи штетни хемикалии кои би наштетиле на имунитетот на фетусот.
Како што пренесува Радио МОФ, истражувачи од римската болница Фатебенефератели, специјализирана за педијатрија, и Политехничкиот универзитет Марке изјавија: „Тоа е како да имате бебе киборг, кое повеќе не е составено само од човечки клетки, туку мешавина од биолошки субјект и неоргански субјекти“.
Микропластиката може да дејствува и како носител на други хемикалии, вклучително и загадувачи на животната средина и пластични адитиви, кои можат да се ослободат и се познати по своите штетни ефекти, велат авторите.
Функцијата на плацентата, пак, меѓудругото вклучува и филтрирање на патогени и други потенцијално опасни материјали од крвотокот на мајката, истовремено дозволувајќи им на различни хранливи материи, антитела и кислород да поминат кон телото на фетусот.
Со цел да се осигурат дека плацентите што ги испитувале не биле контаминирани со пластика откако ќе го напуштат телото, во текот на целиот експеримент се одржувала средина без пластика.
Акушери и акушерки користеле памучни нараквици за да им помагаат на трудниците. Во просторијата за породување, се користеле само памучни крпи за покривање на креветите на пациентите, а папочната врвца била исечена со метални ножици, за да се избегне контакт со пластичен материјал. Патолозите носеле и памучни нараквици и користеле метални скалпели.
„Поради клучната улога на плацентата во поддршката на развојот на фетусот и делувањето како посредник помеѓу претходното и надворешното опкружување, присуството на егзогени и потенцијално штетни (пластични) честички предизвикува голема загриженост“, велат авторите на студијата објавена во списанието „Environment International journal“.
Истражувачкиот тим открил 12 фрагменти на микропластика во четири плаценти од вкупно шест, донирани од жени по раѓањето на нивните деца.
Само 3% од ткивото од секоја плацента било земено како примерок, што укажува на тоа дека вкупниот број на микропластични парчиња може да биде многу поголем, забележуваат авторите на студијата.
„Три беа идентификувани како обоен полипропилен термопластичен полимер, додека за другите девет беше можно да се идентификуваат само пигментите, кои сите се користат за вештачки облоги, бои, лепила, малтери, бои за прсти, полимери и козметика и производи за лична нега“.
Истражувачите забележуваат дека во текот на минатиот век, глобалното производство на пластика достигна 320 милиони тони годишно, а над 40 проценти се користат како амбалажа за еднократна употреба, и затоа огромно придонесува за нивото на пластичен отпад.
Внатре во човечките клетки, микропластиката се третира како туѓо тело од организмот и ова може да предизвика внатрешни имунолошки нарушувања.
Претходно, американски научници пронајдоа честици на микропластика и нанопластика во човечки органи како бели дробови, џигери, бубрези и слезини
Извор: Independent