По синоќешната седница, Владата соопшти дека го утврдила текстот на Анексот на Договорот за концесија склучен со ТАВ Македонија ДООЕЛ, со кој се става во функција одлуката за распределба на средствата што беа предвидени за карго аеродром во Штип.
Проектот за карго аеродромот во Штип требаше да биде готов оваа година, но истиот беше напуштен поради несоодветни климатски услови и економска неоправданост. Наместо аеродром во износ од 60 милиони евра, Владата и ТАВ договорија 35 милиони евра турската компанија да пренамени за 99 инфраструктурни проекти во 75 општини. Исто така, ТАВ со дополнителни 10 милиони евра е должен да ги прошири аеродромите во Скопје и Охрид.
Како што соопшти министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ТАВ нема да уплаќа пари. „Со анекс договорот, ТАВ презеде обврска да ги реализира договорените проекти. Ние ги доставуваме проектите, а компанијата сама ќе ги спроведува“, изјави Бочварски.
Во 90 отсто од прифатените проекти, ќе се градат водоводни и канализациски системи, а исто така ќе се градат и градинки, училишта, спортски сали и други инфраструктурни проекти.