Аеродромите во Скопје и Охрид од јануари до ноември годинава изгубиле над 1,7 милиони патници поради ковид-19 пандемијата, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во текот на ноември 2020 година, со воздухоплови на македонските аеродроми биле превезени 45.001 патник, од кои 43.784 патници на Меѓународниот аеродром Скопје и 1.217 патници на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Статистичките податоци покажуваат дека во 11-те месеци од годинава на двата аеродрома биле превезени вкупно 731.733 патници, додека во идентичниот период лани имало 2.470.106 патници. Тоа е пад за околу 70 отсто во споредба со лани. Инаку, официјалните финансиски штети што годинава ги претрпеа македонските воздухопловни власти, концесионерот на двата аеродрома и авиокомпаниите поради ковид пандемијата ќе биде познати на почетокот од 2021 година.
И покрај негативните резултати што ги предизвика ковид-19 пандемијата во авиосообраќајот, актуелниов месец, по подолго време, беше пуштена во сообраќај нова авио дестинација од скопскиот аеродром за Киев, со најава за воспоставување на воздухопловна врска од Скопје за Абу Даби и за Букурешт за време на Европското првенство во фудбал идното лето. Ваквите позитивни најави влеваат надеж за подобрување на состојбата догодина, но очекувањата на воздухопловните власти од земјава се дека ќе бидат потребни не помалку од три години за да закрепне авиосообраќајот во земјава и да го достигне нивото на превезени патници коешто го имавме на крајот на 2019 година.
Огромните штети што ги предизвика ковид-19 пандемијата во авиосообраќајот се видливи и на меѓународно ниво. Податоците на Евроконтрол според постојното сценарио, покажуваат дека вкупниот број на летови во Европа се очекува да биде намален за 55 отсто во споредба со 2019 година или на европското небо да има 6 милиони помалку летови. Ова е дополнително намалување од 1 милион летови во Европа во споредба со претходното сценарио, кое пред неколку месеци го разви Евроконтрол во однос на влијанието на ковид-19 врз авиоиндустријата.
Поради недостатокот на координиран пристап меѓу земјите во однос на мерките за заштита од ковид-19, во декември 2020 година се очекува намалување на бројот на летови за 54 отсто во споредба со идентичниот месец од 2019 година. Слични предвидувања се дадени и за првите два месеци од 2021 година.
(Denar.mk)
(фото: Pxhere)