Роботски стартап го доби првото одобрување во Калифорнија за вршење на достава на добра и услуги со автономно возило во кое нема возач ниту патници.
Компанијата „Нуро“ (Nuro Inc.) која ги тестира своите возила од 2017 година, започна со рутинска испорака на храна, пијалоци, лекови и други производи, соопштија од компанијата во средата.
Со добиеното одобрение, „Нуро“, која користи „Тојота Приус“ автомобил, како и сопствено мало возило познато како „R2“, стана првата компанија која започна со рутински комерцијални операции со помош на возила без возачи.
„Издавањето на првата дозвола е значајна пресвртница во еволуцијата на автономните возила“, рече Стив Гордон, директор на Државниот оддел за моторни возила и додаде дека ќе продолжат да ја следат безбедноста на автомобилскиот превоз додека оваа технологија се развива.
За да дојде до одобрението, било потребно компанијата да исполни неколку безбедносни стандарди како што се доказ дека возилата се способни да избегнуваат опасности и создавање на план за тоа како компанијата ќе комуницира со полицијата и другите итни служби. За време на тестирањето, автономните возила доставувале пици, намирници и добра од неколку американски синџири за храна.
Компанијата во март го доби своето одобрение и од Националната администрација за безбедност на сообраќајот на патиштата во САД, што беше уште еден услов поставен од државата.
Автономните возила можат да вршат достава само при добри временски услови, на одредени улици и се ограничени со максимална брзина од 55 километри на час за поголемите возила и 40 километри на час за малите „R2“ возила.
За да го насочува своето движење, електричниот автомобил „R2“ користи радар и камери со термичка слика од 360 степени. Нема волан, педали, ниту пак странични ретровизори.
Во октомври во Аризона започнаа да работат и автономни такси-возила без возачи, како дел од услугата на Гугл, „Вајмо“ (Waymo). Слична услуга се тестира и во најголемиот кинески град Шангај, од страна на малопродажниот гигант „Алибаба“.
Фото: Yutube видео
Извор: Мета