Денес, 29 декември 2020 година, во Скопје, Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа онлајн презентација на резултатите од петтата годишна проценка на деловното опкружување во земјата. Ова истражување кое се спроведува веќе пет години прерасна во најобемна домашна анализа на состојбата со правната регулатива, усогласеноста на компаниите со прописите, работата на инспекциските служби, мерките за борба со сивата економија, јавните набавки, работните односи, даночната политика и достапноста на информациите за законските измени, клучни за поволна деловна клима и услови за водење бизнис. Истовремено онлајн настанот го означи и завршувањето на Проектот на УСАИД кој четири години го спроведува ЕПИ ЦЕНТАР во партнерство со Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори, а со поддршка на УСАИД.
Според резултатите расте усогласеноста на компаниите со бизнис регулативата, во 2020 казнети биле само 19% од нив, а 25% поминале со опомена. За споредба во 2016 година 45% од компаниите се соочиле со мерка, во 2017 год. 55% добиле казна или опомена, во 2018 се задржува истиот број, а во 2019 бројот на казнети или опоменати компании се намалил на 39%. Опомената пред казна како принцип беше силна определба на Проектот и од базната година наваму се повеќе се применува наместо казната.
Се намалува и незадоволството од пристапот на инспекторите за 2020 година, но инсистирањето да се најде неправилност и натаму е најголем проблем според компаниите. Проектот стави на располагање 44 листи за бесплатна и анонимна проверка на прописите. Над 1100 компании досега направиле проверка на своето работење преку листите за проверка на усогласеноста.
Расте информираноста на компаниите за промените во регулативата. За прв пат во пет години над 50% од компаниите сметаат дека податоците за усогласување со регулативата се достапни. Компаниите се повеќе се потпираат на коморите за помош во усогласување со регулативата, и оваа година над 80% од нив се задоволни од понудените услуги. Позитивните трендови покажуваат дека во 2016 год. нивото на задоволителна оценка било кај 70% од компаниите, истото ниво е забележано и во 2017, во 2018 има мал пад на 66%, а во 2019 повторно скок на 79%. Компаниите исто така го препознаваат ангажманот на стопанските комори како глас на бизнис заедницата во учеството во носење на регулативата, и тоа е перцепција кај речиси 80% од компаниите или за 10 процентни поени повеќе во однос на базната 2016 година.
Информирањето преку biznisregulativa.mk и алатките на порталот се клучни за поголема достапност на информациите. biznisregulativa.mk го искористиле над 130 илјади корисници од кои 52 илјади се во 2020 година. Расте учеството на компаниите во процесите на носење на правната регулатива и е двојно зголемено во однос на базната 2016 година.
60% од компаниите се запознаени и со Платформата за јавно-приватен дијалог составена од четирите најактивни стопански комори. Преку ПЈПД барањата на приватниот сектор директно се доставуваат до надлежните органи. 39% од компаниите годинава се запознаени со алатката позициони документи. Досега се прифатени 67 позициони документи од надлежните органи, а 31 барање е вградено во мерките за справување со корона кризата.
Заклучоците и препораките од извештајот, како и директните предлози од бизнис секторот од денешниот онлајн настан ќе бидат доставени до надлежните органи преку Платформата за јавно-приватен дијалог, а резултатите ќе бидат одличен извор за дополнителни анализи за подобрување на регулативата што ќе овозможи подобри услови за македонските компании во наредниот период. Анкетата беше спроведена онлајн од 24 ноември до 9 декември и беа опфатени 543 компании. Извештајот може да го преземете од следниот линк: https://bit.ly/37SPWTI