Компаниите се повеќе отвораат онлајн продавници или одлучуваат да бидат дел од локална „marketplace“ (маркетплејс) платформа. Дека Македонците во текот на првите девет месеци од 2020 година стекнуваат се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, може да се заклучи и од растот на бројот и вредноста на онлајн трансакциите со домашни картички, особено кон домашни е-продавници, посочуваат од Асоцијација за е-трговија на Македонија (АЕТМ).
„Пандемијата со корона вирусот влијаеше кон промена на навиките на домашните купувачи. Согласно одговорите во прашалникот за е-купувачи, спроведен од АЕТМ на 2802 испитаници, 37 отсто од нив одговориле дека значително повеќе започнале да купуваат онлајн од почетокот на пандемијата, а дури 76 отсто одговориле дека со ист обем ќе продолжат да купуваат онлајн и по завршетокот на пандемијата со Ковид-19“, велат од Асоцијацијата.
Нагласуваат дека се повеќе компании одлучуваат да бидат дел од локален маркетплејс за онлајн продажба и дека зголемената онлајн потрошувачка, покрај природниот раст и ограничувањата кои со себе ги донесе пандемијата за купување во физички локации, се должи и на растот на онлајн понудата од страна на домашните компании.
„Најчестите причини поради кои некои од компаниите одлучуваат да се дел од локален маркетплејс наместо да отворат своја е-продавница се: побрза процедура за започнување со работа, чини помалку во однос на изработка на своја е-продавница, користење на едуциран кадар со искуство во е-трговија, здобивање со искуство за онлајн продажба од веќе воспоставен систем и подобар маркетинг на својот бренд и своите производи итн“, велат од АЕТМ.
Во нашата земја, додаваат, во моментов постојат два поголеми онлајн пазари, односно две платформи кои функционираат како маркетплејс.
„На маркетплејс платформата Grouper Shopping Mall, лансирана во април оваа година по започнувањето на кризата, веќе се отворени над 100 е-продавници. На онлајн платформата МаркетКонект има 97 компании, од кои 15 се активни со опција за онлајн плаќање преку своите профили, а остатите се со можност за испраќање на мејл со податоци за нарачката“, прецизираат од АЕТМ.
Согласно податоците од Народната банка, преку е-трговија, односно онлајн плаќање во првите девет месеци годинава се реализирале вкупно 10 милијарди денари, што го надминува износот реализиран во текот на цела 2019 година. Бројот на виртуелни места на продажба (интернет продажни места), заклучно со 30 септември годинава е 1.342 продажни места, односно се зголемил за 322 или е поголем за 212,6 отсто во споредба со 2019 година.
(Denar.mk)
(фото: Pixabay)