Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска во Амстердам ја одобри вакцината против Ковид-19 на американскиот производител Модерна. Ова е втора одобрена вакцина за пазарот на Европската унија, пренесе Радио Слободна Европа.
ЕМА на крајот на 2020 година ја одобри вакцината на американската компанија Фајзер и нејзиниот германски партнер Бионтек.
За разлика од вакцината на Фајзер и Бионтек, која е дозволено да ја примаат лица од 16-годишна возраст, ЕМА оцени дека вакцината на Модерна треба да ја примаат лица над 18 години.
Според експерти на ЕМА, студија покажала намалување на бројот на симптоматски случаи на Ковид-19 за 94,1 проценти кај луѓе кои примиле вакцина, како и ефикасност од 90,9% кај учесници со ризик од тешки симптоми на Ковид-19, вклучително и оние со хронично заболување на белите дробови, срцеви заболувања, зголемена телесна тежина, заболување на црниот дроб, дијабетес или ХИВ инфекција.