Со финансиска поддршка од ЕУ и Министерството за локална самоуправа, преку ИПА 2 Програмата за Прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија преку проектот „Откривање на скриените атракции“ комплетно се реконструира стариот Кооперативен Дом во село Слоештица во Демир Хисар, кој ќе прерасне во Мултифункционален Центар со простор за настани, сместување, сувенирница и Спомен соба на великанот на македонскиот збор, Петре М. Андреевски, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
– Општина Демир Хисар во партнерство со Општина Клос од Албанија интензивно работат на откривање на своите скриени атракции пред домашните и странски туристи. Во Клос се гради етнографски и историски музеј во кој ќе бидат трајно изложени дел од загубените артефакти од богата историја на овој регион низ кој поминувала и делница од Виа Игнација. Валавиците во Слоештица и глацијалните езера на Балѓат покрај тоа што се фантастична можност за туризам, се дел од природното богатство на двете општини на чија промоција исто така работи проектот во вредност од 455.000 евра во рамките на ИПА 2 програмата и финансиска поддршка од петнаесет проценти на Министерството, појасни министерот Милевски.
Според него и двата микро-региони освојуваат со своите природни и културни атракции кои се недопрени и се уште неоткриени од туристите кои патуваат заради нови локални искуства и авантури во природа, а локалното население од двете страни на границата е интензивно е вклучено во креирањето на нови туристички атракции како офф роуд авантури, планинарење низ нови предели, јавање коњи, велосипедизам, готвење на заборавени локални специјалитети, собирање шумски плодови и подготовка на зимница во село заедно со тамошните жители.
Во моментов, инфраструктурните зафати се во полн ек а проектниот работи на План за менаџирање на прекуграничната дестинација Демир Хисар – Клос, градејќи една авантуристичка дестинација во две земји. Со проектот ќе бидат креирани две патувања, тестирани за нивната атрактивност по што ќе бидат понудени на европскиот пазар за авантуристички туризам.
– Нашите најголеми атракции се недопрените села и автентичноста на луѓето. Со поддршка на ЕУ и Министерството за локална самоуправа за првпат имаме шанса за двоен успех а тоа е истовремено да го промовираме регионот пред потенцијалните туристи и да го вклучиме локалното население во бизнис активности поврзани со туризмот. Особено сум горд на изградбата на Мултифункционален центар во Слоештица, родното место на Петре М. Андреевски каде ќе биде поместена и спомен соба во негова чест, рече градоначалникот на Демир Хисар, Марјан Стојановски.
Организациите Арт Поинт Гумно од Слоештица и ФЛАГ од Тирана, кои се партнери на проектот, работат со локалното население од двете земји за да ги оправдаат очекувањата на туристите во руралните места но и го подигнат квалитетот на сместувањето и активностите кои луѓето ги нудат.
– Целта на прекуграничната програма е зближување на луѓето од двете страни на границата, креирање на релации и активности за решавање на заеднички проблеми. Овој проект „Откривање на скриените атракции“ навистина ја погодува оваа цел бидејќи луѓето и од Демирхисарско и од Клос се жедни за знаење како својот начин на живот да го презентираат пред туристите од урбаните центри и како да им понудат несекојдневна авантура во недопрените рурални предели. Нашата задача понатаму треба да биде фокусирана на оспособување на локалното население активно да се занимава со рурален туризам со што директно ќе придонесеме кон нови работни места и задржување на младите во регионот, вели менаџерката на проектот, Емилиа Ѓероска.