„КензО“ – нов зелен јавен простор во градот со одржлив и биоклиматски концепт

- Advertisement -

Едно од потенцијалните решенија како да се подобри квалитетот на животот во градот е создавање на зелени и јавни простори кои би ја подобриле севкупната атмосфера во градот. Скопје, како град во кој секојдневно сме сведоци на изградба на нови објекти на сметка на зеленилото и нови паркинзи на сметка на јавниот простор има огромна потреба од брзи, лесни и ефикасни предлози.

Идејниот проект „КензО“, изработен од тимот архитекти: д-р Радмила Томовска, д-р Ива Петрунова и Хекуран Мусли, е лоциран во центарот на Скопје. Локацијата е помеѓу Маџир Маало и Транспортниот Центар. Локацијата моментално е сива, бездушна, загадена, со голема фрекфенција на возила преку ден. Површината пред Поштата е сосема запуштена и неискорестена, преку ден се користи како паркинг, додека навечер е сосема празна. Во околината недостига зеленило и јавен простор, додека паркинзи и зонско паркирање има под транспортниот центар како и од другата страна на Поштата. Овој дел од градот е тотално дехуманизиран и загаден. Сообраќајот во оваа област е многу густ, со неискористени паркинзи.

- Advertisement -

Идејата на овој проект е да се врати природата во градот и меѓу луѓето што гравитираат на овие простори, особено во овој дел познат како Транспортен центар на град Скопје. Концептот на овој проект ја акцентира одржливата ревитализација на јавен простор пред архитектонско културно наследство – се создава нов зелен социјален и културен простор. Воедно, се истражуваат потребите на граѓаните и одржливите стратегии на ревитализација на запуштени јавни површини. Идејата на овој проект е граѓаните да го посетат овој јавен простор лоциран пред една од најпознатите структури дизајнирана од светски реномираниот архитект Кензо Танге во Скопје, изградена по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година.

Моментална состојба
Новопроектирана состојба

Трансформацијата, преку мултифункционална инсталација во јавен простор и зелена површина ќе биде од голема важност за луѓето што живеат или работат во близина. Идејата за овој проект е да се трансформира овој простор во почовечно, антропоморфно и природно живеалиште за луѓето кои гравитираат на овие простори во различни периоди од денот. Овој пристап треба да им овозможи да уживаат во времето поминато на отворено, да овозможи подобра социјализација и ќе го збогати просторот со различни функции што можат да привлечат повеќе граѓани да ја посетат оваа локација. Меѓу другото, проектот има за цел да го смени првиот впечаток на туристите кои пристигнуваат во овој град од меѓународната железничка и автобуска станица кои се во непосредна близина на избраната локација. Целта на проектот е насочена и кон акцентирање на важноста на архитектурата на Модерната во Скопје, преку акцентирање на Транспортниот центар од архитектот Кензо Танге. На овој начин од запуштен простор во централното градско подрачје, добиваме нов, зелен простор наменет за културни, социјални и рекреативни содржини, како и простор со поголема безбедност, сигурност и демократски вредности, а притоа е одржлив со биоклиматски карактеристики.

- Advertisement -

МОДУЛАРНОСТ

Главниот елемент во избраниот јавен простор е модуларен цилиндричен елемент со дијаметар од 8 m. Должината на цилиндарот е 2, 3 или 5 м. Модуларноста е во врска со нумеричкиот редослед на Леонардо Фибоначи: 2 – 3 – 5; 3 – 2 – 5 или 5 – 2 – 3. Челичните профили во форма на прстен се поврзани со челични жици и формираат цилиндричен тунел. Конструктивниот систем е многу економичен и издржлив, што ја прави структурата идеална за јавни простори.

- Advertisement -

ФУНКЦИИ

Цилиндричниот елемент има многу отвори во форма на прозорци или врати кои им овозможуваат на посетителите да влезат внатре и да уживаат во овој зелен тунел. Внатре во овој зелен тунел, посетителите можат да прават различни работи: да седат, да јадат на пауза за ручек, да лежат и да читаат книга, децата да играат и да се лулаат, постарите луѓе да зборуваат и да играат шах, а во отворениот амфитеатар посетителите да уживаат во театарска или музичка изведба. На просторот е предвиден и паркинг за велосипеди.

БИОКЛИМАТСКИ ПРИСТАП

Цилиндричниот елемент е покриен со локална природна вегетација – бршлен, што го прави внатрешниот простор е засенет и зелен. Бршленот се смета за издржлива билка која е истовремено многу ефикасна во прочистувањето на воздухот. Отворите им овозможуваат на сончевите зраци да влезат во тунелот од исток или запад, што е во директна врска со сончевата инсолација и воздушна циркулацијата на избраната локација анализирана во текот на целата година. Асфалтната површина е главно покриена со трева. Страната на локацијата која се граничи со зградата на Поштата и Железничката станица е во форма на рамна водена површина која истовремено влијае во регулација на температурниот и просторниот комфор од една страна, но има и улога на огледало, со што се рефлектира и потенцира важноста на овој архитектонски споменик. Мешавината на избраните зимзелени дрвја и костени кои се карактеристични за овој регион се смета за совршена формула за прочистување на загадениот воздух во овој дел од градот во текот на целата година. Просторот во ноќниот период е осветлен со помош на енергетски ефикасно осветлување: соларни канделабри, флуросцентни бои на новиот плочник пред постоечкиот објект кои ја рефлектираат светлината и „паметни„ артифицијални светлечки уреди.

Сподели!
- Advertisement -