Германската компанија „Ипротекс“ и Дирекцијата за технолошко индустриски зони потпишаа договорот за државна поддршка, со кој оваа германска компанија, дел од групацијата Innotech & Iprotex, се обврза на инвестиција од пет милиони евра и отворање на минимум 30 работни места во ТИРЗ Скопје 1.
Компанијата се занимава со изработка на материјали за автомобилската индустрија, за технички текстил и термоизолациони материјали.
Управителот на „Ипротекс“ во Македонија, Блаже Левовски, рече дека фирмата е формирана во 1999 година и дека има шест фабрики коишто се на четири различни континентни и две продажни претставништва.
„За првпат презентираме планови и делови од државна помош која за оваа компанија ќе биде до 50% од реализираните инвестициски трошоци и субвенции со удел од 20 %, како и даночни и царински ослободувања. Кај оваа компанија имаме значително поместување во однос на платите. Просечната плата која Ипротекс веќе им ја исплаќа на вработените е 10% над просечната плата во ТИР зоните, и 11% над просекот во преработувачката индустрија. Нашата цел е зголемување на платите на работниците ангажирани во индустриските зони за 30% до 50% до 2024 преку зголемена продуктивност на трудот. Со странските инвеститори веќе разговараме за сет мерки со кои ќе инвестираме во програми и вештини кои се насочени директно кон луѓето, а ќе придонесат кон продуктивност на компаниите“, рече Директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски .