Beyond Green е нова онлајн дестинација за одржлива мода, “зелена” убавина и еко-лајфстајл, но и за некои други нешта. Ова е место каде што модата може да егзистира одговорно, така што ќе може да се ужива во дизајнот, уметничкиот миг и љубовта кон нештата кои ги носиме и користиме секојдневно. Тоа се однесува на козметиката, на храната, на домот и на начинот на живот.
Го стартуваше една девојка која верува дека промените се можни, кога се сака. Станува збор за Теона Манго. Родена е во Битола, има 22 години и живее на различни точки на светот. Нејзинoто образование е во сферата на политиката и меѓународните односи, дипломираше на Queen Mary Универзитетот во Лондон, на Школата за политика и меѓународни односи.
Разговараше – Верица Јорданова
BeyoundGreen.Mk е прва еко-платформа од ваков тип во Македонија. Станува збор за e-commerce старт-ап кој има за цел да понуди на пазарот стилски додатоци, кои го имаат епитетот еко. Како се роди оваа идеја?
Каде да започнам? За мене е секогаш најбезбедно да почнам со “Elephant in the room”. Еко анксиозност е причината.
Едноставно, долго време размислував да започнам некој мој личен проект што ќе има некакво позитивно влијание врз опкружувањето, а притоа да ме претставува мене и моите етички ставови, размисли, па и еко животот кој се трудам да го живеам. Зошто сметам дека кај нас, особено кај помладите генерации не им се укажува на климатските промени од аспект на решенија, туку секогаш се предочуваат црни сценарија и на тој начин несвесно се создаваат еколошки анксиозни генерации. Се користат бројни непознати изрази, се користат лоши сценарија, без да се нудат решенија и начини како некои негативни последици може да се спречат или ублажат. Исто така, ми пречеше понекогаш упатената критика кон мене, дека моето “прееколошко” однесување е безначајно, зошто таквите сме само капка во морето, зошто има преку седум милијарди жители на планетата.
Така се роди Beyond Green, платформа која ќе создава и промовира еко френдли нешта. Прво да поттикнам интерес за нешта кои се позитивни за нашиот живот, за средината во која живееме, а не само заради стравот од негативни последици.
Твоето име, на јавноста и е познато по твоето блогирање. Со блогерство се занимаваш од својата 18 година. Дали овој чекор со креирање на сопствен бренд е некој природен чекор напред?
Да, од блогирањето научив доста од аспект на маркетинг и продажба, воедно и изградив своја публика, а со тоа и некое „влијание“ во тој виртуелен свет. Бидејќи застапувам многу модни и козметички брендови и станав свесна дека многу малку се знае транспарентноста во тие глобални бизниси од типот: “Кој ја направил мојата облека?” или “Што содржат козметичките препарати?”. Читав доста и ценам дека имаме комплетно право да знаеме дали парите кои ги издвојуваме за купување на облека или козметика, се разбира и други нешта во нашиот живот… не поддржуваат искористување и злоупотреба на луѓе или уништување на околината. Односно, да се демистифицира фактот дека евтината мода и не е така евтина, зошто некој тоа го плаќа со животот. Свесна за тоа, сакав со овој мој проект да ја употребам и насочам мојата работа и делување кон нешто корисно за општеството.
Живееше неколку години во Лондон. Дали и како ако таму се води зелен еко лајфстајл?
Лондон, а и целото Обединето Кралство се доста еко и одржливо настороени, од секој аспект. Од трговија до канцеларии, од образовни институции до јавен превоз…. Селектирањето на отпадот дома и насекаде, рециклирањето, носење на своја чаша за кафе кога купувате кафе наместо да загадувате со чаши за една употреба, носење на торба за пазарење наместо да добивате пластична кеса, second hand продавници за алишта со цел разумно да се купува, користење на јавен превоз итн. се само дел од навиките кои луѓето таму ги практикуваат. Голем дел од моите еколошки навики ги имав од дома, но во Лондон, заради воспоставениот систем, ги применив и целосно посветено така се обидувам и сега да живеам во Македонија, иако ги нема тие услови. Но, јас се трудам да живеам еко-етички. Се трудам … тоа не значи дека успевам 100%.
Во Македонија одржливоста како стил на живот не е многу присутна. Како може да се иницираат такви промени?
Сметам дека младите генерации се будат и развиваат свест за еколошките проблеми. Исто така кај младите генерации има нагон за позитивни промени. Повозрасните се воздржани или едноставно убедуваат дека “една птица, пролет не носи”. Кај нас најголем проблем е отсуството на навика да се живее одржливо, но и недостатокот на ресурси за да живееме целосно одржливо. И ако тоа изгледа како ќорсокак, јас тврдам дека со мали чекори можеме да менуваме навики. Промените се можни преку едуцирање, но и нудење на решенија што ќе бидат достапни до нас.
Многумина сметаат дека купувајќи еколошки свесни брендови е скапа работа, но твојот пристап е поинаков, ти се залагаш за минимализам?
-Отсекогаш кога сум купувала, сум купувала со мислата “квалитет, а не квантитет”. Гледам да купувам само неопходно, тоа важи и за храната и за потребни нешта за животот. Дефинитивно не купувам облека која е тренди само оваа сезона. Добивам многу облека и обувки од моите соработки за мојот блог и инстаграм профил. Истите ги подарувам или донирам. Додека живеев во Лондон, рециклирав и голема количина на текстил. Тука за жал немаме таква опција…сé уште. Можеби на прв поглед изгледа скапо, но кога би седнале и би ја направиле пресметката, сфаќаме дека е доста поевтина варијанта, а и самото знаење дека помага при решавање на еколошки проблеми е доволен.
Првиот производ кој го означи и стартот на платфорамата е ленената торба. Зошто?
Последната година дена сум повеќе во Македонија, Covid-19 ме приземји тука. И тоа добро ми дојде. Јас дипломирав на Универзитетот Квин Мери во Лондон, на факултетот за Политика и меѓународни односи. Светот глобално почна да работи он-лајн, па така и јас имам некои ангажмани поврзани со мојата професија. Да појаснам, политичките науки многу се поврзани со околината. Една обична анализа на мејнстрим политичките партии и општествените движења кои се гржат за околината на било која точка од оваа планета се во интеракција. Јавното носење и спроведување на политики и имплементација на закони и меѓународни договори кои ја тангираат околината се случуваат на многу гео-политички нивоа. Уште во универзитетските клупи ме интересираше политичка екологија, како поле во кое студиите за околината се фокусираат на релациите од позиција на моќ, политичка моќ во контекст на општествени промени во одговорни демократски општества. Така што јас тука не сум случајно. Јас не сум само блогер кој посака да има свој бренд.
Да се наваратам на мојот живот оваа година во Македонија…. Имав време да се посветам на детали кои ми отворија идеи како да почнам со мали чекори, зошто тука крупни промени потешко се случуваат. Еве еден пример. Забележав дека тука речиси никој не користи торба за пазарење. Претпоставувам дека една од причините е затоа што пластичните ќеси се бесплатни во продавниците или со симболична цена. Друг проблем е што нашите луѓе сметаат дека таа пластична ќеса им е потребна за да го соберат отпадот од кујната во неа. Но, тоа е друга тема. Ако сакате пак, да си купите торба за пазарење, избор баш и немате. Сите торби за пазарење што ги најдов овде, не беа најсоодветни (не собираат доволно, не издржуваат тежина итн), а и немаше оддржлива или еко верзија (главно беа полиестер, најлон или памук). Така дојдов и до идеја да направам торби за пазарење од материјал кој е еко френдли и одржлив. Се одлучив за 100% лен како еден од нај еко френдли и одржливи материјали на светот. При неговата обработка се испушта многу низок процент на јаглерод диоксид за разлика од производството на други материјали. Кај памукот на пример, поинаква е ситуацијата. Ленот исто така е многу издржлив материјал, што ми беше важно затоа што се работи за продукт кој би се користел често.
По неа следуваше, уште еден еко производ. За што станува збор?
Станува збор за 100% биоразградливи маски за телефон направени од пченична слама. Овие маски можете слободно да ги компостирате и за рок од 5 до 8 недели целосно ќе се разградат и можат да служат како ѓубриво за растенија. Така што ова е продукт кој не остава отпад зад него.
Со овој продукт стартуваш и една своја кампања, за засадување на дрвца. Каков е планот?
Со секоја купена маска ќе се засадува по едно дрво на територијата на Македонија. Идејата позади ова е да вратиме нешто на природата. Во моментот разговараме со моите пријатели Ротаријанци, за средствата да се насочат во нивната навистина успешна акција за засадување на дрва.
Производите ги промовираш на многу интересен начин. За секој има посебни кампањи. Какви се реакциите и колку си задоволна од првите продажби?
Од честитки, до критики. Некако очекувано. Честитки добив од поединци кои сакаат со своето однесување да покажат дека помагаме да се случат промени и да се живее етички. Исто така, има и личности кои го поддржуваат домашното, што навистина е важно. Таквите личности и носат домашни дизајнери на себеси, веруваат на себе, а не на агресивните реклами. Затоа ги посакаа и моите торби.
Критики имаше, две. И двете се однесуваа на целофанот во кој беше спакован еден букет во фото сесијата која ја правевме со фотографот Дино Нечевски, кој заврши одлична работа. Имено, бев искритикувана зошто целофан.
Тоа е уште еден доказ колку малку кај нас се знае. Целофанот е од природно потекло што значи е биоразградлив.
Дали во Македонија има критична маса на население кое користи еко предмети во животот, за чиста совет и чиста планета?
Има, можеби не во преголем број но има доста поединци кои се баш еко и оддржливо настроени што е за голем поздрав. Периодов еко и станува тренди, особено кај младите, што е супер и се надевам овој тренд ќе остане долго кај нас. Затоа што потребна е тимска работа за општествени промени.
Какви ти се следните планови?
-Плановите ми се да претставам повеќе еко френдли и оддржливи производи. Beyond Green да стане зелена платформа каде што луѓе ќе се едуцираат и учат како да имаат по еко и оддржлив начин на живот. Она што целам да направам е барем мала промена и да поттикнам да бидеме позелено општество, истовремено оваа тема да биде полигон кој не води кон подобар и поморален свет.