Општините од Тиквешијата ќе добијат мерни станици за „смарт“ земјоделско производство. Советот на општина Кавадарци на денешната седница донесе одлука за кофинансирање на регионален проект за инсталирање вакви мерни станици.
Проектот чини десет милиони денари со вклучен данок на додадена вредност. Девет милиони денари ќе се обезбедат од Бирото за регионален развој, милион денари од општините Кавадарци, Росоман, Неготино и Демир Капија.
Кофинансирањето на Кавадарци е со 450 илјади денари за поставување 18 мерни станици со кои, како што беше кажано на седницата, ќе се овозможи електронски мониторинг на атмосферските влијанија врз земјоделско обработливите површини, односно на лозово-овоштарските насади. Станиците ќе даваат информации за влажност на воздухот, сончевите денови во годината, количеството врнежи, степенот на температурни осцилации и други податоци кои ќе се акумулираат електронски со посебен софтвер, со што значително ќе може да се предвиди третманот на лозаро-овоштарските насади, а тоа ќе придонесе за намалување на трошокот за третирање со пестициди, како и за зголемен принос со значително подобар квалитет.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев нагласи дека со ова, земјоделците ќе добијат можност за квалитетна и економски исплатлива заштита на земјоделските култури.
Извор – МИА