Треба ли децата да носат паметен телефон на училиште? Денес децата уште од основно училиште, па дури и порано, ги добиваат првите мобилни телефони, а иако мобилниот телефон кај малите деца значи безбедност затоа што во секој момент можат да ги контактираат и да знаат каде се наоѓаат, учениците лесно можат да станат заслепени од содржините на телефонот и зависни од уредите до таа мера што ги запоставуваат училишните обврски.
Додека во многу земји се расправа за влијанието на паметните телефони на младите и дали смеат да се носат на училиште или не, кинеските власти одлучија дека на телефоните не им е местото во училиштата. Министерството за образование на Кина забрани носење на паметен телефон во училиште, со што како што нагласуваат, дакаат да го заштитат видот на младите, да спречат да станат зависни од интернет и игри, како и да им овозможат да се фокусираат на учењето. Исто така, веруваат дека таа забрана позитивно ќе влијае на физичкиот и прихичкиот развој на децата.
Забраната се однесува и на носењето паметни телефони во просториите надвор од кампусите и училишните игралишта, освен за учениците кои ќе добијат дозвола од родителите и писмено одобрение од училиштето. Во некои кинески училишта и пред оваа одлука беше забрането носење телефон за време на наставата, а на некои ученици кои не ги почитувале правилата им биле уништени телефоните.
Децата сепак ќе можат да комуницираат со родителите затоа што во училиштата ќе се постават телефонски говорници. Исто така, Министерството за образование им порача на учителите повеќе да не им задаваат на учениците домашни задачи преку телефон.
(BBC)
(фото: Wikimedia)