Осумте фирми, кои добија земјиште под закуп за поставување на фотволтаични централи со капацитет од 25 мегавати електрична енергија, кај светиниколското село Амзабегово се спремни да почнат со градба и поставување во јуни, а целата постапка би траела еден месец, информира за МИА градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски.
-Процедурата за старт на градбата е компаниите да добијат дозвола за градење и долгорочен договор за градежно земјиште, овој договор е обврска на Владата, а дозволите за градење до еден мегават ги дава општината, додека за тие што имаат над еден мегават дозволите ги обезбедува Министерството за транспорт и врски. Станува збор за земјиште од 50 хектари, изјави Велковски.
Тој очекува оваа инвестиција вредна околу 1.500.000 евра да донесе и околу 20 зелени вработувања, одноно луѓе кои ќе се грижат за одржување на централите и нивно обезбедување.