Во Гостивар официјално започна со работа младинскиот ресурсен центар „I can“, кој е прв од ваков тип во државата. Во него младите ќе се подготвуваат за пазарот на трудот, ќе се поттикнува претприемачки дух и иновативни бизнис решенија. Покрај ова, центарот треба да обезбеди и поддршка на дигитализацијата и зелените идеи, но и воспоставување поблиска соработка со приватниот сектор од регионот.
„Младинскиот ресурсен центар ќе им помага а на младите, да ја развиваат креативноста и бизнис идеите и така да ги преточат во вистински бизниси и во старт ап компании и активно да учествуваат заедно со сите чинители на пазарот на трудот“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.


Партнерството со Штуловиот универзитет за ректорот Абдулменаф Беџети претставува исчекор во воспоставување уникатни партнерства помеѓу различните чинители.
„Ние како Универзитет ќе ги ставиме на располагање сите наши капацитети и експертизата со цел обезбедување квалитетни и иновативни обуки за младите, како и обезбедување на блиска соработка со компаниите во Полошкиот регион“, рече Беџети.


Првиот човек на општината, градоначалникот Арбен Таравари, ја истакна важноста од еден ваков центар за локалниот развој и изрази уверување дека овој современ ресурсен центар ќе одговори на потребите на младите во целиот полошки регион. Тој искажа задоволство бидејќи, како што рече, за две години ова е трет ваков центар во општина Гостивар. Таравари истакна целосна поддршка за негово функционирање со сите расположливи капацитети.
Амбасадорката на Швајцарија, Сибул Сутер, посочи дека со поддршката на „ I can “ Центарот, Швајцарија ја потврдува заложбата за вклучување на младите во сите важни процеси на локално ниво, а посебно успешната активација на младите на пазарот на трудот.
Постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан напомена дека УНДП соработува со младите и младинските организации, приватниот сектор и владините институции со цел поддршка и промовирање на младинскиот концепт.
„Ние веруваме дека младите се поттикнувачи на промените и многу важни партнери за остварување на одржливите развојни цели. Начините како ги вклучуваме младите во важните глобални трендови ќе го одреди и успехот за постигнување одржлив развој, раст и инклузивен проспарите“, рече Сахакјан.
Своја поддршка за Центарот изрази и Општина Тетово.
Иницијативата за отворање на Младинскиот ресурсен центар е дел од проектот за создавање можности за работа за ранливите категории, вклучувајќи ги и младите. Активностите се финансирани од Швајцарската агенција за соработка и развој, а реализирани од Програмата за развој на Обединетите нации во партнерство со локалните партнери и Министерството за труд и социјална политика.