Централните банки би можеле да издаваат дигитални валути кои би се користеле во прекуграничен систем за плаќање, изјави челникот на Институтот за дигитални валути при кинеската централна банка. Централните банки мора да го поддржат системот за мали плаќања на услуги од системите за дигитални валути кои ќе се понудат на пазарот, изјави Ми Чангдун на семинар во организација на Банката за меѓународни спогодби.
Дигиталните валути би можеле да ги забрзаат трансакциите и да ги намалат трошоците до домашниот и меѓународниот платежен систем, а централните банки ги сметаат за алатка во модернизацијата на финансискиот систем, пишува Reuters.
Нивните настојувања ги забрза и се поголемата популарност на приватните дигитални валути, како што е биткоин, кои би можеле да ја загрозат нивната контрола над издавањето пари. Кина отиде најдалеку во плановите за издавање дигитална валута во рамките на напорите за интернационализација на јуанот и со цел да ја намали зависноста од платежниот систем во кој доминира американскиот долар.
И Европската централна банка размислува за воведување на дигитално евро во наредните пет години, но на таквите планови се противи германската централна банка Бундесбанк затоа што смета дека би можела да претставува ризик за банките.
Прифаќањето нa дигиталните валути во меѓународната трговија и плаќањето зема замав и може да го загрози статусот на доларот како де факто валута на светската трговија и да го поткопа влијанието на САД, сметаат аналитичарите. Ми Чангдун предложи сет од глобални правила за дигиталните валути кои би ги издавале централните банки. Системите за дигитални валути кои би ги воспоставиле централните банки треба да бидат интероперабилни, вели Ми и додава дека кинеската централна банка ги разменила предлозите со останатите централни банки и монетарни власти.
Начелото на праведната понуда на дигитални валути би било следното – централните банки нема да смеат со издавањето дигитални валути да си пречат една на друга во вршењето на задачите за зачувување на монетарната и финансиската стабилност. Понатаму, официјалните дигитални валути не би ги истиснале од пазарот дигиталните платформи за плаќање. Платформите Alipay и WeChat Pay, всушност, се клучен дел од кинеската финансиска инфраструктура.
(tportal.hr)
(фото: Quote Inspector)