Најцврстиот природен материјал во светот доби уште поцврста конкуренција. По прв пат постојат докази дека хексагоналните дијаманти произведени во лабораторија се поцврсти од природните дијаманти кои често се користат како делови од луксузен накит.
Хексагоналните дијаманти го добиле името по својата хексагонална кристална структура, а се наоѓаат на места каде што удрил метеорит, додека не успеаја научниците да ги произведат во лабораторија. Но, тие дијаманти беа премали или траеја прекратко за да се искористат за мерење.
Сега научници од Државниот универзитет Вашингтон, односно од Институтот за физика успеаја да направат хексагонални дијаманти доволно големи за да им ја измерат цврстината со помош на звучни бранови. Нивното истражување е објавено во научното списание Physical Review B.
„Дијамантот е уникатен материјал. Не само што е најцврст, туку има и одлични оптички карактеристики и многу висока топлотна проводливост. Сега успеавме да направиме хексагонален облик на дијаманти, произведен под експерименти со компресиски шок, кој е значително поцврст и потраен од регуларниот дијамант кој се користи за накит“ вели Јогендра Гупта, директор на Институтот.
Гупта и водечкиот автор на истражувањето, Тревис Волц, први во светот успеаја да претстават докази од вистински експерименти дека хексагоналните дијаманти произведени во лабораторија се најцврстиот материјал во светот.
Тие во експериментите користеле барут и плин под притисок за да испалуваат мали графитни дискови со брзина од околу 24.000 км/ч на транспарентна подлога. Ударот од тие дискови произведувал ударни бранови и така ги претворал во хексагонални дијаманти.
Веднаш после ударот на дисковите и трансформацијата научниците произвеле мал звучен бран и користеле ласери за мерење на неговото движење низ новосоздадените дијаманти. Колку е поцврст материјалот, звучниот бран побрзо се движи низ него. Се до нивните експерименти звучните бранови најбрзо се движеле низ природните дијаманти, но со новите експерименти Гупта и тимот од научници докажале дека човекот успеал да ја надмине природата и да го создаде најцврстиот материјал на планетата.
Ако науката и технологијата напредуваат до точка кога хексагоналните дијаманти ќе може да се направат и да се користат, нивната примена би била многу широка, особено во машинската индустрија. Сепак, Гупта не ја исклучува можност во иднина хексагоналните дијаманти да се користат и за накит.
(Eurek Alert)
(фото: Flickr)