19 C
Skopje
недела, април 11, 2021

Николина Стојанова: Најголем предизвик за жените во бизнисот е како да го дигитализираат своето работење!

Kabtel desktop

Интервју со Николина Стојанова, програмски координатор во Ceed Hub Скопје за функционирањето и улогата на неодамна формираниот Клуб за жени претприемачи

Разговараше – Верица Јорданова

Од неодамна Ceed Hub стартуваше посебен Клуб наменет за жени во бизнисот. Кажете ни нешто повеќе за оваа иницијатива и од каде произлезе истата?

Идејата за формирање клуб за жени претприемачи се дискутира и разгледува во ЦЕЕД веќе неколку години. Како Клубот ќе функционира и што ќе нуди беше дефинирано минатата година кога ЦЕЕД Хаб Скопје заедно со Министерството за економија организира конференција за женско претприемништво. Но, пандемијата не` натера да ги засукаме ракавите и да размислуваме креативно за тоа како можеме да им помогнеме на жените сопственички на бизниси и на менаџерски позиции да го пребродат ова време не-време. Искуството ни покажа дека Ковид-19 изврши посилно негативно влијание кај жените во бизнисот отколку кај нивните колеги мажи. Грижата за семејството, професионалните ангажмани и фактот дека образовниот процес на децата се префрли дома значи дека жените се справуваат со многу повеќе и пообемни предизвици од мажите, а особено жените со приватни бизниси. Па така, минатата година го формиравме ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери, чија цел е да послужи како заедница од жени за жени, кои меѓусебно се поддржуваат и си помагаат, кои преку ова тело полесно стигнуваат до соработници и потенцијални партнери, кои учат од искусни претприемачки кои веќе го изоделе тешкиот дел од патот до успешен бизнис. Нашата улога е да го фасилитираме процесот, да овозможиме лесна соработка, вмрежување, промоција на женските бизниси преку претставување на успешните приказни. Нашата цел, не е да нудиме готови решенија, туку да бидеме ко-креатори на услугите заедно со нашите корисници, односно да ги земеме предвид нивните конкретни потреби, темелно да ги сфатиме нивните предизвици и да им овозможиме услуги што ќе бидат скроени конкретно за нив.

Една од вашите цели е да се намали влијанието што Ковид-19 го има на бизнисите водени од жени. Имате ли сознанија како и колку жените во бизнис се погодени од пандемијата во последнава година? Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат?

Како и голем број компании во различни индустрии, така и жените претприемачи се соочуваат со реални проблеми во поглед на одржување на бизнисот. Еден од најочигледните предизвици е дигитализацијата на бизнисот, односно префрлување на работењето онлајн. Некои претприемачи се на мнение дека доволно е на нивните клиенти да им нудат продажба преку Фејсбук, но голем дел од нив не се свесни за правните импликации по однос на бизнисот, како за овозможувањето сигурна продажба во поглед на квалитетот на услугата и доставата. За таа цел, заедно со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија организиравме интерактивна панел дискусија онлајн, каде учесничките имаа можност да ги дознаат сите потребни информации за основање е-продавница, процесот на регистрација на таква фирма, но и преку споделените лични искуства на панелистките, добија и мотивација да почнат да размислуваат во таа насока за нивните сопствени бизниси.

Друг проблем што го воочивме е пристапот до финансиска поддршка, т.е. недостатокот од платформа што ќе ги обезбеди сите информации на еден синтетизиран начин. Неодамна работевме на истражување на можностите за добивање финансиска поддршка кај нас и ги мапиравме сите државни институции, капитални фондови, бизнис ангели, банки и нефинансиски институции кои овозможуваат ваква помош за претприемачите. Истите ги претставивме пред нашите членки на еден од редовните месечни состаноци што се организираат во рамки на Клубот и Проектот за развивање на вештините на жените претприемачи и менаџери, во имплементација на ЦЕЕД Хаб Скопје, а со поддршка на американската амбасада. Нашата редовна соработка со државните институции како што е Министерството за економија и Фондот за иновации и технолошки развој, како и со останатите чинители во екосистемот, навистина ни го прави овој дел од работата лесен и едноставен.


Преку кои форми на поддршка им помагате на членките на овој Клуб?

Членките во нашиот Клуб имаат можност преку различни форми на поддршка да ги надградат сопствените менаџерски вештини и да го унапредат работењето на нивните фирми. Тоа подразбира организирање работилници на актуелни теми од бизнисот поврзани со справувањето со пандемијата, менторска поддршка од различни области од страна на домашни и странски експерти (ЦЕЕД организации постојат во 22 земји во светот на 3 континенти), месечни неформални состаноци на кои жените претприемачи и менаџери ги споделуваат сопствените искуства и разговараат за предизвиците со кои се соочуваат, пристап до бизнис ангели како инвеститори, како и споделување информации за најновите трендови и можности за финансиска помош кај нас. Еден од начините за регионално вмрежување и промоција на женските бизниси не само кај нас туку и пошироко е соработката со Хрватска. Го уредуваме порталот за поддршка на женското претприемништво womeninadria.mk, каде преку споделување на позитивните примери и успешните приказни се трудиме да ги мотивираме жените да се охрабрат во нивното станување независни претприемачи. Понатаму, работиме на креирање онлајн платформа на која ќе бидат споделени едукативни материјали за различни области од развојот на бизнисот до која нашите корисници би имале лесен и едноставен пристап.

Уште повеќе, наша цел е да го прошириме Клубот на ниво на целата држава, т.е. да основаме регионални ограноци. Веруваме дека покрај општите проблеми поврзани со работењето на бизнисите во време на оваа светска пандемија, бизнисите во различните региони кај нас се соочуваат со специфични предизвици карактеристични за тоа поднебје. Па сакаме да ги земеме и нивните проблеми и предизвици предвид, и на тој начин да опслужиме поголем број на жени претприемачи и да го промовираме женското претприемништво.

Каков е засега интересот за членување со оглед на тоа дека е релативно нова иницијатива?

Задоволни сме од она што го постигнавме до сега, имајќи предвид дека работењето во време на Ковид-19 е новина и за нас и да се навикнеме целата интеракција со корисниците да ја префрлиме онлајн. До сега имаме над 60 членки и интензивно работиме на регрутација на нови. Секако дека нашата визија е да формираме силна и робустна заедница од жени претприемачи и менаџери кои ќе делуваат заеднички и ќе стојат исправено пред идните предизвици што секако ќе следат. Заедно со нашите партнери, имаме заедничка цел, а тоа е да го поддржиме и развиеме женското претприемништво кај нас, и да ја подигнеме свеста дека жените ги заслужуваат истите мерки за поддршка како и мажите, бидејќи тие конструктивно и конкретно придонесуваат за развојот на целокупната домашна економија.

Може ли да ни кажете детали околу самото зачленување и една порака до жените во бизнисот зошто би станале дел од овој клуб?

Зачленувањето во Клубот е бесплатно во текот на првата година. Нема некоја посебно комплицирана процедура, доволно е заинтересираните жени претприемачи да не` контактираат или да го потврдат својот интерес со пополнување на едноставен формулар (Членство во ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери (office.com)). Причината зошто би требало жените во бизнисот да бидат дел од овој Клуб е фактот што ќе имаат несекојдневна можност да стекнуваат нови знаења и практично искуство преку моделот на врсничко учење, т.е. да добијат конкретни согледби и увиди за индустријата и пазарот на кој работат од искусни претприемачи. Особено важно е за успехот на еден бизнис е припадноста во група која е способна и моќна да изврши пошироко влијание во општеството. Веруваме дека Клубот на жени претприемачи и менаџери е токму таква група која има потенцијал да прави разлика не само во индустријата во која работат жените претприемачи, туку и пошироко во средината во која делуваат и во крајна линија, на самото општество.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •