Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ги повика владите да осмислат нов концепт за економијата за да ја зајакнат неговата отпорност во постпандемискиот период.
-Владите не смеат да губат време, тие мора да подготват терен за економско закрепнување во посткризниот период, изјави денеска на онлајн конференција, генералниот секретар на ОЕЦД, Анхел Гурија. Мандатот на Гурија на чело на ОЕЦД завршува во мај и тој ќе биде наследен од Австралиецот Матијас Корман
-По катастрофалната 2020 година, шансите се подобрија, кажа главната економистка во ОЕЦД, Лоренс Бун, не наведувајќи ги новите бројки што ќе ја рефлектираат оваа проценка.
ОЕЦД проценува дека светската економија во пандемиската 2020 година опадна за 3,4 отсто, а се очекува годинава да нарасне за 5,6 проценти.
-Пандемијата ги откри слабостите, како што е долгорочната невработеност која не ја решија ниту пакетите државна помош од милијарди долари, предупреди главната економистка на ОЕЦД.
Генералниот секретар на ОЕЦД, пак, предложи повисоки даноци за емисиите на јаглерод диоксид за да се запрат климатските промени.