Еден од најпродаваните автомобили во Кина се вика Wuling Hongguang MINIEV, a тој исклучително евтин електричен автомобил е пуштен во продажба минатото лето. Оттогаш е продаден во десетици илјади примероци и стана вистински хит во земјата, надминувајќи ја и Teslа по бројот на продадени примероци.
На саем за автомобили одржан во Шангај сега е претставен и неговиот наследник, односно кабриолет верзија. Wuling, како што Кинезите скратено го нарекуваат то автомобил, во Кина чини само 4.300 долари, што придонесе за неговата популарност, а новостекната популарност ги надмина и границите на Кина.
Моментално во Кина се нарачани уште 50.000 примероци од стандардната верзија на Wuling, но кабрио верзијата на Wuling има некои позабележителни промени и ако судиме според концептот, изгледа дека дизајнерски има поатрактивен изглед. Меѓу тие промени се и ЛЕД сијалички на предните и на задните светла, поголеми тркала и редизајнирани врати. Исто така, во кабрио верзијата се исфрлени и задните две седишта, па сега автомообилот е двосед.
Батериите немаат неверојатни перформанси и ги има во две верзии – 9,3 kWh и 13,9 kWh. Послабата има досег од 120 км, а помоќната 170 км. Максималната брзина на кабрио верзијата наводно ќе биде 105 km/h, што се разбира дека не е за патувања надвор од град, но за градско возење е повеќе од доволно. Иако новиот Wuling е само концепт, се зборува да почне и сериско производство.
(SlashGear)
(фото: YouTube screenshot)