Општина Карпош ќе им доделува субвенции на нејзини жители кои ќе купат нови велосипеди – ќе покрива 30 отсто од сумата за платениот велосипед, но најмногу 3.000 денари.
Акцијата ќе почне утре (7 мај) и ќе трае до исцрпување на предвидените финансиски средства.
– За оваа намена, Општината од својот буџет издвои 500.000 денари, а субвенционирањето ќе се одвива по принципот „прв дојден, прв услужен”, информира Општината за одлуката која ја донесоа советниците на вчерашната седница.
Советниците одобрија и три проекти од областа на образованието во општина Карпош. За шестмесечниот проект „Инклузивно активен свет – Карпош” ќе намени околу 150.000 денари. Реализатор е Здружението за унапредување на меѓусебна доверба ТАКТ, а целта е подобрување на образовните услови на децата со попреченост, преку креирање општинска програма за нивна социјална инклузија.
Со 50.000 денари Карпош ќе го финансира и осуммесечниот проект на Здружението ИМПЕТУС насловен „Младите заедно во еко заштита”, со кој треба да се мотивираат основците од општината да се вклучат во селекција на отпадот и заштитата на непосредната животна околина.
– Советот го поддржа и проектот на градското здружение на ликовни педагози – Детски ликовен центар, за одржување на 15. Детска ликовна колонија „Св. Пантелејмон 2021″. Според програмата за активности во областа на образованието за 2021 година, општина Карпош за оваа намена ќе издвои 50.000 денари од својот буџет, информира Општината.
Советниците на седницата одобрија и средства за награди од по 10.000 денари за полуматурантите – првенци на генерација од основните училишта во Карпош, како и дополнителни 30 милиони денари за Програмата од областа на екологијата и енергетската ефикасност за 2021 година (односно 186.600.000 наместо досегашните 156.000.000 денари), кои се наменети за подобрување на јавната чистота, обновување на урбаната опрема, јавното осветлување итн.
– На седницата помина и одлуката на Советот со која општина Карпош постхумно ќе му додели Плакета на семејството Петровски, како знак на признание за постигнати животни остварувања на професионалниот дипломат Трајан Петровски (1939-2021), информира Општина Карпош.