Семос Едукација и Фондот за иновации и технолошки развој започнуваат партнерски проект за развивање и поголема имплементација на вештачката интелигенција во државата. Преку бесплатна едукација 1000 средношколци од 17 и млади до 29 години ќе имаат можност да учат како да ја применат вештачката интелигенција во секојдневното живеење и работење.
Проектот предвидува посети на две бесплатни обуки кои претставуваат вовед во вештачката интелигенција. Станува збор за AIBIZ – Artificial Intelligence for business од брендот CertNexus , обука за примената на вештачката интелигенција во бизнисот и Microsoft AI fundamentals – AI900, обука која го воведува слушателот во основните концепти поврзани со вештачката интелигенција и услугите во „Мајкрософт Азур“ (Microsoft Azure).
Онлајн обуките ќе се одржуваат на 20 и 21 мај 2021 година, со шестчасовни предавања дневно. Учесниците ќе имаат можност да полагаат и да се сертифицираат со светски признаена диплома.
„Примената на вештачката интелигенција е клучна за дигитална трансформација на екосистемот и токму поради тоа, заедно со Владата веќе работиме на формирање на работна група за креирање на Национална стратегија за вештачка интелигенција. Но не застануваме тука. Во последните шест месеци, Фондот за иновации заедно со партнерските организации сериозно работи на трансформација на македонскиот стартап екосистем и воведување на глобалните трендови во работењето на македонските стартапи и компании“, изјави Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Тој додаде дека преку работата на Националниот стартап совет, интензивната соработка со чинителите на екосистемот, соработката со банките но и последните промени на повикот за стартап и спин оф компании ФИТР прави сериозни чекори кон позиционирањето на Република Северна Македонија како стартап хаб во регионот.
Фондот во рамките на проектот, ќе обезбеди и поврзување со заинтересираните општини и образовните институции низ целата држава. На обуките, гостински предавања ќе оддржат компаниите Стратум Рид, Си-маинд, Аидеа лаб и Аграр кои се корисници на кофинансирани грантови од ФИТР и успешно работат во областа на вештачка интелегенција. Нивните претставници ќе споделат реални примери од досегашното работење а најдобрите учесници на обуките, ќе добијат можност и за практична работа во овие компании.
Во првиот и водечки Центар за обуки од областа на информатичките технологии „Семос Едукација“ во изминатите 25 години, обучени се над 100.000 учесници од над 20 држави од Европа и светот.
„Вештачката интелигиенција е технологија на иднината која што ќе биде вклучена во многу професии кои денес постојат, но и кои сеуште не се измислени. Многу важно е да сфатиме дека веќе долго вештачката интелигенција не е наменета само за IT индустријата. Како Семос Едукација секогаш ги носиме новите трендови, а со едукацијата на оваа тема сакаме да ја внесеме нашата земја во светската трка на знаење за вештачка интелигенција. На младите луѓе кои ќе бидат идни вработени, со оваа технологија им се отвара нова можност, своето знаење од тука да го продадат насекаде низ светот и работејќи дигитално да заработуваат повеќе“, изјави Валентина Тасева, директор на Семос Едукација.
Целта на спроведените обуки е поголемиот дел од учесниците да продолжат во понатамошно совладување на знаењата од оваа област, со што Република Северна Македонија се става на мапата на земји кои креираат масовно знаење и свест за овој тип на технологии. Обучените сертифицирани лица ќе можат да ја продолжат својата кариера во домашните и странските компании, што ќе има и долгорочен импакт врз зголемувањето на извозот на софтверски услуги.
Сите заинтересирани за посетување на бесплатните обуки ќе можат да се пријават до 18 мај до 18 часот на официјалниот сајт http://obuki.ai.semosedu.com/.