Исландски научници објавија студија во која откриваат дека пронашле микропластика во изолираниот глечер Ватнајокул на Исланд. Тој глечер истовремено е и најголемата ледена површина во Европа. Ова откритие е првото такво кога станува збор за овој глечер, а за него се заслужни научници од Универзитетот Рејкјавик, Универзитетот Гетенбург и Исландската метеоролошка канцеларија, кои ја откриле микропластиката во глечерот со помош на оптичка микроскопија и μ-Raman спектроскопија.
Микропластиката може да влијае на топењето и геолошкото однесување на глечерот и на тој начин да влијае за покачување на нивото на морињата и океаните. Досега на темата микропластика главно се зборуваше во рамките на загадувањето на морињата, додека истражувањата за присуство на микропластиката во ледените површини на копното се ретки.
Досега микропластика е пронајдена во италијанскиот дел од Алпите, во еквадорскиот дел на Андите и во ледените санти кај Свалбард во арктичкиот дел на Норвешка.
Д-р Хлинур Стефансон од Универзитетот Рејкјавик и водечки автор на студијата предупредува на клучната важност на дистрибуцијата на микропластиката и на нејзините краткорочни и долгорочни ефекти врз динамиката на ледот. Она што го покажува студијата е дека микропластиката најмногу се пренесува преку атмосферата.
„Ние недоволно ги познаваме патиштатата на микропластиката во нашата околина. Мора повеќе да дознаеме за ефектите на миркопластиката. Примероците кои ги зедовме доаѓаат од недопрена локација на глечерот Ватнајокул, до кој тешко се пристапува, па затоа малку е веројатно директното загадување од страна на луѓе“, појаснува Стефансон.
(EurekAlert)
(фото: Wikimedia)