Загрепскиот стартап MIRET со својот бренд за еколошки патики ги освои инвеститорите, јавноста, а сега освои и награди на светски натпревар за обувки -Global Footwear Award 2020.
Хрвоје Болјар, извршниот директор на MIRET, освои прво место во категоријата Materials sourcing за проектот MIRET и злато во категоријата Materials sourcing/Biodegradable materials. За MIRET Forest dark колекцијата Ана Болјар, креативен директор на стартапот, освои сребро во категоријата Materials sourcing/Biodegradable materials.
Global Footwear Award е натпревар кој ги препознава напорите на надарените дизајнери на обувки од целиот свет и доделува признанија за нивниот труд. Посебен акцент става на одржливоста и со тоа ја инспирира целата индустрија. Жирито на Global Footwear Awards е составено од водечки експерти во индустријата чии таленти и придонеси во заедницата за производство на обувки се многу битни.
Global Footwear Award не е првото престижно признание за уникатниот хрватски стартап. Минатата година ја освоија наградата IDA International Design Award, а исто така во 2020 година остварија и инвестиција од речиси 300.000 евра, а после пандемијата успешно ја комплетираа Kickstarter кампањата и собраа над 53.000 евра.
„Горди сме и благодарни. Оваа награда е големо признание за нашата напорна работа и постојани истражувања преку кои ги унапредуваме нашите производи. Ова е почеток на ерата во која одржливоста ќе биде на прво место. Бидејќи екологијата ни е примарна цел, со MIRET се обидуваме да ја информираме јавноста и да ја нагласиме итноста на потребните еколошки акции. Сите човечки активности и штетат на околината, но постојат начини тоа да се намали. Оваа награда најдобро покажува во кој правец одиме и кон што целиме“, изјави Домагој Болјар, соосновач на MIRET.
Стартапот MIRET го основаа браќата Хрвоја и Домагој Болјар пред шест години како еден вид продолжение на семејниот бизнис за производство на обувки. Свесни се дека материјалите кои се користат во производството на обувки се многу штетни за околината, па затоа одлучија да направат драстична промена.Се фокусираа на еколошко производство и тргнаа во потрага по природни, здрави материјали и производни партнери кои знаат дека трансформацијата е неопходна. Нивните патики сега се направени од 97% природни материјали.
(Dnevnik.hr)
(фото: Miret)