Промовирана платформата savetravels.gov.mk за имплементација на „Знак за безбеден туризам“

- Advertisement -

Министерството за економија денеска ја промовираше платформата savetravels.gov.mk за имплементација на „Знак за безбеден туризам“ (Safe Travels Stamp) и протоколи за безбедно патување на Светскиот совет за туризам и патување, како и спотот со кој земјава ќе се обиде да привлече странски туристи како безбедна ковид дестинација.

Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека туризмот во време на ковид-кризата ги доживеа најтешките моменти во последните децении и додаде дека пандемијата нанесе големи штети чии последици ќе се чувствуваат долго.

- Advertisement -

„Како надлежно министерство за развој на туризмот сме биле и ќе бидеме со стопанствениците во тешки моменти. Мерките кои ги презедовме и помогнаа на туристичката индустрија да ги ублажи последиците од пандемијата. Министерството за економија на почетокот на годинава аплицираше и успеа да добие овластување за имплементација на безбедносен печат и протоколи за безбедно  патување од страна на Светскиот совет за туризам и патување. Со ваквите протоколи ќе докажеме дека сме безбедна дестинација за сите туристи кои ќе ја посетат нашата држава“, рече Бектеши на промоцијата.

Тој нагласи дека седум комори и здруженија се дел од овој проект и придонесуваат да се имплементираат протоколите во сите сегменти во туристичката индустрија. Во тоа, како што кажа, е вклучена и Швајцарската амбасада во земјава кој преку проектот Паладиум подготви платформа за аплицирање и видео за промоција за безбедносниот печат на Северна Македонија.

- Advertisement -

„Обезбедена е и обука за сите членови од коморите кои ќе бидат обучувачи и контролори за имплементација и добивање на ознаката за безбедносен печат. Обврска да го контролира процесот има и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот“, рече Бектеши и апелираше до сите чинители во туризмот да се информираат протоколите преку платформата savetravels.gov.mk и да ги имплементираат и да се сертифицираат за користење на безбедносниот печат.

Со тоа, потенцира, ќе докажеме дека сме одговорни и дека сме безбедни што ќе помогне да го зачуваме нашето и здравјето на нашите туристи, како домашни, така и странски.

- Advertisement -

„Аплицирањето ќе се врши исклучиво преки платформата, а надзор над комисиите ќе врши комисија формирана од Министерството за економија“, појасни Бектеши.

Швајцарската амбасадорка Сибил Зутер Техада порача дека со правењето на првиот чекор кон стекнување официјално меѓународно признавање на безбедносните стандарди во туризмот земјава, како што кажа, сега е на картата на земјите за кои Светскиот совет за туризам и патување издаде безбедносен печат.

„Швајцарија го поддржа Министерството за економија за да развие дигитална платформа за олеснување на примената, имплементацијата и надзорот на усогласеноста на безбедносниот печат за локалните туристички бизниси. Ја поддржуваме и обуката на стопанските комори и здруженијата  на туристи што ќе биде клучно во процесот на валидација на протоколите за безбедносен печат. Покрај тоа, ја поддржавме и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со цел да ја прикажеме Северна Македонија како сигурна и безбедна дестинација со видео кое премиерно го прикажуваме денеска“, рече Зутер Техада.

Тоа, како што укажа, е основа за етаблирање на земјава како ковид безбедна дестинацијана светската мапа за туризам, а успехот зависи од правилното спроведување на протоколите за безбедност.

„Соодветното имплементирање на протоколот за печат за безбедност на одговорен, транспарентен и отчетен начин е единствен начин Северна Македонија да биде препознаена како дестинација која е ковид безбедна. Нема втора шанса за прв впечаток и тоа е особено важно во време на Ковид-19“, рече таа.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски порача дека од денеска треба да се работи заеднички и напорно за нашата земја да стане една од многуте  светски дестинации кои ги применуваат светските и европските протоколи за маркичката сигурно патување.

Потсети дека ланската година беше турбулентна и додаде дека беше создадена кампањата „Дома си е дома“, а годинава како што рече уште од април Агенцијата почна да ја рекламира земјава во регионот и во некои стратешки пазари од каде очекуваат поголем број туристи.

„Кампањата е насловена „Сигурно како дома““, рече Јаневски.

Ана Таневска Ѓоргиевска, претседател на Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора на Северна Македонија, посочи дека потребата на луѓето од патување е многу голема и во услови кога се релаксира состојбата веднаш се видливи туристичките аранжмани и потребата од патување.

„Хрватска лани спаси голем дел од туристичката сезона со имплементацијата на токму вакви протоколи. Нивната имплементација е од клучно значење и апелираме што поскоро да бидат ставени во функција со цел да се позиционираме како безбедна и сигурна дестинација на светската туристичка карта.Од клучно значење е во функција да бидат ставени и бесплатните ПЦР тестови за странските тусисти кои за враќање во својата земја имаат потреба да покажат негативен ПЦР тест“, рече Таневска Ѓоргиевска.

Платформата savetravels.gov.mk се  уште не е достапна. Таа ќе биде место каде сите бизниси од туристичкиот и угостителските сектор ќе можат да поднесат барање за да влезат во процес за добивање на знакот за безбеден туризам. Во неа се опфатени протоколите за безбеден туризам во 10 категории – угостителски објекти со храна, кафетерии, објекти за сместување на туристи, даватели на услуги во активен туризам, туроператори, туристички  агенции, авто кампови, ски центри, музеи, превоз на патници и аеродроми. Барањето го пополнува секоја компанија за секој објект кој ги исполнува пропишаните протоколи и избира кој да изврши проверка. По извршената проверка на терен доколку  објектот ги исполнува протоколите добива знак за безбеден туризам и се впишува во електронскиот регистар кој е јавно достапен на платформата. Знакот за безбеден туризам ќе содржи и код кој ќе служи туристите лесно да пристапат до платформата и да поднесат поплака доколку  објектот не ги почитува условите за безбедност согласно протоколите.

(МИА)

(фото: )

Сподели!
- Advertisement -